ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА

ПЕТТИОТ КОНТИНЕНТ – ДЕМОКРАТСКИ НОВ ДОМ ЗА ЕТНИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ

Често се вели дека: Македонија е млада држава, така и нејзината наука и затоа не може да се каже дека сè се знае за Македонците на Балканот, во прекуокеанските земји, Австралија, Канада и Соединетите Американски Држави, Европската Унија. Напротив, мислам дека и самите ние многу малку знаеме за себеси, а уште помалку знаат народите надвор од Македонија. Така што, тоа е и голем македонски проблем, бидејќи навистина, тоа што светот не ја знае вистината за нас има и многу проблеми, не само со соседите, туку воопшто. Како Македонци ние мора да ја афирмираме македонската вистина и она што навистина претставува лик на Македонија, а тоа особено го прават Македонците во Австралија.

Се знае дека емигрирањето на Македонците кон петтиот континент и иселувањето од Беломорска Македонија, особено било изразено по Балканските војни и по Првата светска војна, кои наместо слобода од петвековното ропство, на Македонците им донеле тројна поделба, угнетување, асимилација, денационализација и физичко уништување, што ги спроведувале порано ослободените соседи, Бугарија, Кралска Југославија, Грција и Албанија.

Тешко може да се определи бројот на Македонците во Австралија, бидејќи во новиот свет доаѓале и доаѓаат со турски, грчки, бугарски, српски и други патни исправи. Зависно од тоа нивните имиња се приспособуваат на новата татковина. Единствено, Македонците од Република Македонија заминуваат со македонски патни исправи и официјално се регистрираат како Македонци.

Бројот на македонските иселеници во демократска и мултикултурна Австралија се зголемува од година во година. За жал, не постојат целосни и попрецизни податоци за тоа колку досега заминале и го напуштиле македонскиот дедовски праг. Меѓутоа, според некои неофицијални показатели се проценува дека повеќе од 300.000 Македонци од етничка Македонија ги одбрале Австралија и Нов Зеланд за свои нови татковини.

Кога се пишува за Македонците во Австралија, треба да се нагласи дека тие отсекогаш биле предмет на разни туѓи верски, национални и политички влијанија. Тоа особено било изразено меѓу двете светски војни во минатиот век. Но и денес, по осамостојувањето на Македонија како независна и самостојна држава, туѓите влијанија се бескруполозни во Австралија. Тоа особено се почувствува кога Грција го наметна спорот за името, и кога достави три забелешки до светската јавност како причини за непризнавање на Република Македонија како самостојна држава и тоа:  Промена на името, знамето и Уставот, бидејќи, според нив, со тие три точки ќе се заштител територијалниот интегритет на нивната држава. Чудно, нели? Една држава што е членка на најголемата воена алијанса во светот и членка на една од најголемите економски заедници во светот се плаши од Република Македонија!

Јужниот сосед отиде дури до таму да тврди дека зборот Македонија бил грчки (елински), заборавајќи дека зборот Македонија не може да е грчки затоа што самиот збор Greece и Greek се англиски зборови. Тие својата земја си ја викаат Елада и Елас. Друг апсурден аргумент е дека, Македонија била грчка во последните 3.000 години. Тоа е интересно тврдење од т.н. „лулка на демократијата“, бидејќи го игнорира фактот дека во античкиот свет не постоела држава под името Грција, постоело Македонско Кралство со свои кралеви и градови-држави околу Атина кои никаде не се нарекувале Грција. По падот на Византија, па до Отоманската Империја во 1453 година, голем дел од тоа што денес се нарекува Грција бил под османлиска власт, што траело до 1821 година. Дури во 1912 година, за време на Балканските војни, Грција со употреба на воена сила успеала да присвои дел од историска Македонија, која била дел од Отоманската Империја.

Демократска Австралија, пак, никогаш немала проблем со името Македонија. Во тој контекст, вредно е да се напомни, дека Австралија го финансирала досега најголемиот македонско-англиски речник во светот што го издаде Австралискиот национален универзитет. Уште во Првата светска војна австралиски војници во рамките на британските воени сили активно учествувале на македонскиот фронт.

Затоа, денес во Австралија се отвори процес на создавање автентични македонски организации, македонски православни цркви и црковни општини, културно-уметнички, литературни, забавни, спортски друштва и друг вид асоцијации. Сите тие претставуваат најзначајни и најголеми места на собирање и активности на македонските доселеници од етничка Македонија во демократска Австралија.

Во книгата се поместени текстови за Ристо Алтин, легенда во иселеништвото, Петар Божанин, бранителот на македонската вистина, Андреа Бранов, вљубеникот во Македонија и Австралија.

Во овој дел посебно место е посветено за д-р Реџинал де Бреј, угледниот славист, поет, преведувач и светски научник кој беше вљубеник во македонскиот јазик и во Македонија. Тој беше составувач на новиот македонско -англиски толковен речник, беше член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот национален универзитет во Канбера.

Исто така, во овој дел на публикацијата се презентирани: Тоде Кабровски – просветителот од Сиднеј, авторот на делото, Славе Катинн како лексикограф и преведувач, Алек Клашов – познатиот бизнисмен,Зоран Ќосески- почесниот конзул во Австралија, хуманист Сотир Митров, Ицо Најдовски- докторот на науки од Мелбурн, Стојан Србинов – многудецениски борец за македонската вистина, Ѓорѓи Нано од Квинбијан, Томе Миовски од Перт и Кире Циревски од Сиднеј..

Посебно место во овој дел е посветен на Проф. д-р Миле Терзиовски – познат и признат австралиски научник, Мајкл Радин – адвокат од Аделаид, човекот со многу добиени битки, драматургот Душан Ристевски кој го нарекуваат македонски Шекспир во Австралија, Џим Томев – познат интелектуалец во Австралија, Јанко Томов – активист во македонското движење и поетот и писателот Иван Трпоски, кој е познат македонски активист во Сиднеј.

Имињата и делата на овие македонски интелектуалци во Австралија директно се поврзани со активностите на Македонците во Австралија. Голем број од нив се активни во македонските православни цркви и црковни општини, во литературните и друг вид друштва, како и во судбината и иднината на македонските доселеници од сите делови на етничка Македонија, кои живеат во демократска Австралија. Тие се личности кој се познати и признати и во австралиското општество и во македонската колонија и важат за едни од најпочитуваните Македонци на тие далечни простори на Австралија.

Продолжува


Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *