Eскобар од Скопје не оди во Софија, но не исклучува дека ќе ја посети

Американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, по престојот во Скопје нема да оди за Софија, но не ја исклучува можноста да ја посети.

– По Скопје заминувам за Босна каде ќе се одржи Конференцијата за мировна имплементација. Потоа, одам за Тирана каде повоторно ќе пратам сигнали за нашата поддршка за зачленување во ЕУ по што ќе заминам за Лондон за да се сретнам со новиот британски специјален претставник за Западен Балкан, кој ги свикува министрите за надворешни работи на Западен Балкан за да се мапира како нашата соработка во регионот ќе функционира во иднина. Сево ова се примери за позитивен развој во регионот. Се надеваме дека Македонија ќе биде целосен партнер и ќе ни помогне да има напредок. Не ја исклучувам можноста во одреден момент да посетам други делови од Европа каде има важни прашања за кои треба да разговараме, рече Ескобар во интервју за „360 степени“, прашан дали планира да ја посети Софија.

Тој ја појасни изјавата дадена по средбата со министерот Бујар Османи, во контекст на потребата од што побрз почеток на пристапните преговори, кога кажа дека „ја поздравува подготвеноста на Северна Македонија за флексибилност“.

– Она што го мислам е дека го поддржуваме секој ваш напор за да се направи се за почеток на тој процес. Направивте реформи, пративте сигнали дека имате намера да направите се што е потребно и оваа Влада изрази силна поддршка, силна стратешка визија да се биде членка на ЕУ и ние продолжуваме тоа да го поддржуваме, вели Ескобар.

Повтори дека за прашањето за деблокада на македонските евроинтеграции Вашингтон е во постојана комуникација со сите свои европски сојузници.

– Северна Македонија заслужува да биде дел од Европската Унија. Вие културно, историски и, се поинтензивно, економски сте дел од Европа. Би требало да имате место на масата. Дополнително, завршивте неколку добри реформи што ве квалификуваат за да го почнете процесот. Одблиску соработуваме со нашите европски партнери, сите наши европски партнери, за да осигураме тоа да се случи многу брзо. Се надевавме и се уште се надеваме дека можете да почнете со меѓувладините конференции оваа година. Ако не годинава, тогаш што е можно поскоро наредната година. За ова прашање сме во постојана комуникација со сите наши европски партнери, изјави Ескобар .

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *