Дендиас ја повтори поддршката за ЕУ перспективата на регионот, Вуцис од СИРИЗА побара меморандумите со Северна Македонија да дојдат во Парламентот

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас за време на состанокот на Комисијата за национална одбрана и надворешни прашања во Парламент информираше за прашањата во надворешната политика споменувајќи го и грчкото „цврсто, континуирано и доследно учество на Балканот со акцент на интегративниот процес на Западен Балкан, особено на Албанија и Северна Македонија “, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас додаде и дека европската перспектива на било која земја значи и почитување на поставените услови.

Поддршка за европската перспектива на земјите од регионот „доколку продолжуат со реформите и ги почитуваат принципите на добрососедство“ изрази и пратеникот од владејачката Нова демократија Тасос Хаѕивасилиу, додека пак поранешниот претседател на Парламентот и пратеник од СИРИЗА Никос Вуцис се осврна на меморандумите со Северна Македонија кои сè уште не се ратификувани во Парламентот.

Рече дека е неприфатливо од моментот кога постои позитивен став за Западен Балкан и за вклучувањето на Северна Македонија во меѓународните организации, да „постои одлука, барем во актуелниот период во Парламентот да не дојдат за ратификација договорите со Северна Македонија“.

Пратеникот Андреас Ловердос од опозициската Движење на промена, за меморандумите рече дека има доцнење на ратификацијата, но и дека разбира зошто е така бидејќи Владата „има сомнежи за кохезијата на пратеничката група“, но и поради „прашањата поврзани со спроведувањето на договорот од соседната земја“.

Но истакна дека не разбира која е позицијата на грчката Влада за почитувањето на договорот, бидејќи не постојат извештаи за напредокот и додаде дека биле потенцирани „осум прекршувања на договорот од соседната земја“, за кои Грција не реагирала.

Пратеникот Андонис Милонакис од десничарската Грчко решение, која е против Договорот од Преспа, се согласи со ставот на Ловердос дека договорот е прекршен и го повтори партискиот став дека трите Меморандуми не треба да бидат донесени и не треба да бидат ратификувани во Парламентот.

На денешниот состанок на Комисијата за национална одбрана и надворешни прашања во грчкиот Парламент, по говорот на министерот за надворешни работи, еден претставник од секоја партија имаше свое обраќање, по што продолжи дискусијата, но вториот дел од седницата беше зад затворени врати.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *