Опозицијата замина од Собранието, бара брзи предвремени парламентарни избори

Пратениците од опозицијата вечерва си заминаа од Собранието, но како што изјавија не ја повлекуваат иницијативата за гласање доверба на Владата. Бараат брзи предвремени парламентарни избори за излез од политичката криза. Седницата за доверба на Владата попладнево е прекината поради немање кворум и неможност да се утврди дневниот ред, а согласно Деловникот за работа на Собранието, таа треба да заврши до полноќ.

Од Собранието вечерва си заминаа и претседателот на Движењето „Беса“ Биљал Касами и лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во име на коалицијата вечерва пред Собранието изјави дека демократијата е погазена и оти власта се обидува по секоја цена да остане на власт.

– За жал, имаме уште еден ден којшто ќе остане запишан во црните страници на македонската историја затоа што денес во Македонија се погази демократијата. Денес во Македонија беше киднапиран пратеник. Денес во Македонија видовме како режимот на власт се трансформира во најкриминоген режим воопшто видено на просторот на Европа. За тоа ќе има одговорност многу побрзо од тоа што мислат, ќе дојде денот кога ќе одговараат сите тие коишто денеска киднапираа пратеник и сите оние кои денес одземаа телефони од пратеници, ги чуваа пратениците во одредени простории за да не можат да излезат и да комуницираат и направија се македонската демократија да биде погазена, рече Николоски.

Прашан на кои пратеници им биле одземени телефоните, Николоски рече дека според нивните сознанија, дел од пратениците на СДСМ не можеле да ги користат мобилните телефони.

Додаде дека нема да ја повлечат иницијативата за гласање доверба на Владата. – Оставаме на оние кои се уште мислат дека имаат мнозинство и власт да одлучат што ќе прават со нејзе. Ние сега заминуваме и тоа е тоа, рече Николоски.

Брзи предвремени парламентарни избори, според Николоски, се единствениот излез од политичката криза.

– Власта од денес има 59 пратеници, тоа е јасно. Распоредот во Собранието е јасен, 60 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, 59 пратеници на СДСМ и ДУИ и еден киднапиран пратеник на кој му посакувам се најдобро и се надевам дека за брзо ќе биде ослободен. Веројатно ќе го ослободат по 12 часот кога ќе помине оној рок за гласање или можеби ќе го ослободат и порано затоа што ние заминуваме, рече Николоски.

Тој се сомнева во она што преку видео порака го кажа пратеникот Кастриот Реџепи и очекува полицијата да се произнесе.

–  Очекуваме полицијата да се произнесе, но не сме сигурни во она што го кажуваше пратеникот.  Многу е сомнително. Доколку навистина пратеникот имаше став дека Владата треба да остане, ќе беше најлогично да дојде во Собранието и да гласа Владата да остане. Пратениците можеа да гласаат Владата да си оди или Владата да остане. Но, да се крие цел ден, да не може никој од неговото семејство да го добие, да му бидат исклучени телефоните па мистично да се појави статус на Фејсбук, па кога цела држава почна да зборува, мистично да се појави некое видео каде што позади има бел ѕид, а човекот е блед, рече Николоски.

Додаде дека за сите денешни случувања се во редовна комуникација со ЕУ и САД.

За следните чекори на опозицијата, како што изјави Николоски, во текот на утрешниот ден ќе заседаваат органите на ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде направена комуникација со коалиционите партнери.

Претходно, лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев побара опозицијата да ги радикализира методите на дејствување што според него значи протести, блокади и парализа на Собранието.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *