ИСПОВЕД НА БРАНКО РИСТОВСКИ (ГРЕЖЛОВСКИ) ОД ДЕТРОИТ ЗА ДЕДО МУ ЕФТИМ ЈУНАКОТ ОД ЉУБОЈНО

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПЕЧАЛБАРИ ОД  ДОЛНА ПРЕСПА

Многу македонски иселеници ширум светот своите животни приказни ги пренесуваат на нивните идни генерации на свој начин и во свое време. Една од таквите стории е и  оваа исповед. Имено, Бранко Ристовски (Грежловски) од Љубојно, Преспа кој долги години живе во Детроит и Флорида во Соединетите Американски Држави, во скромното издание за дедо ми Ефтим Ристов Грешлов, чиј уредник и издавач е Славе Катин (Грежловски), го напиша следниот текст:

Кога се пишува за печалбарството, Љубојно, родното село на Ефтим Ристо Грежлов (Грежловски) – Грежо има посебно место. Ова печалбарско место се наоѓа во Преспа, во пазувите на Баба Планина недалеку од Преспанското Езеро, на македонска земја, а само неколку километри северно од границата меѓу Република Македонија и Република Грција. Тоа е типично македонско, преспанско, печалбарско место од кое, како и од голем број села под Пелистер многумина заминале изасекогаш се задомиле во САД, Канада, Австралија, Европската Унија и други земји ширум светот.

Меѓутоа, одреден број иселеници чија цел за враќање е кристално чиста, доаѓаат во Љубојно – нивното родно место, кое ги привлекува со невидена сила, за да воздивнат во своите стари домови, ги реновираат старите или да изградат нови куќи, да ги обноват спомените од младоста, да завршат со староста и да остават вечни траги за идните генерации.

Слична судбина има и Бранко Ефтим Ристовски-Грежловски иселеник во Детроит, авторот на книшката за животот и делото на неговиот дедо Ефтим Ристов го пишува следното: 

Јас, Бранко Ефтим Ристовски-Грежловски Роден сум на 01.09.1948 година во Љубојно, каде го завршив осумгодишното образование, а средно училиште завршив во Битола во 1967 година. Потоа, во октомври 1967 година заминав за Австрија, каде останав скоро една година, а  на  28. 10.  1968 година се преселив во Детроит, Соединетите Американски Држави.

Во Детроит формирав фамилија со сопругата Соња, со која имаме  два сина: Тони и Дени. И јас како многумина Македонци, покрај тоа што живеам во САД, не го заборавив родното место каде што  се враќам со својата фамилија скоро секоја година. Заедно со своето семејство и со родителите се вратив за подолго во Љубојно и, недалеку од Стара Река кај Горна Чешма, изградивме нова, модерна куќа со сите градски нишани во која живеа моите родители Ефтим и Зорка, а во иднина таа ќе биде  пријатно катче и топол дом за генерациите кои доаѓаат и ги продолжуваат и зацврстуваат корените на дедо Ефтим..

1sel12Потомците на Ефтим Грежлов

Инаку, во книшката е забележано дека според пишувањето на Славе Катин (Грежловски), братучет на Бранко Ристовски (Грежловски), Љубојно  своето име го добило од зборот љубов. Така вели легендата. Поточно, многу одамна се вљубиле момче и девојка. Тие живееле во две соседни населби,  но поради лошите соседски односи на жителите на населбите, не смееле да се земат. Меѓутоа, љубовта била посилна и тие се земале и побегнале во близината на Стара Река каде и останале среќно да живеат. Подоцна во близина на местото на вљубените се доселиле и други семејства. Во чест на вљубените младенци местото го нарекле Љубојно.

Ова е само легенда за Љубојно која ја прераскажуваат постарите љубанчани (љубојнчани, како некои ги викаат). Но, таа легенда се потврдува со фактот што Љубојно, односно жителите на овој питом преспански и македонски крај имаат љубов; љубов кон родниот крај, кон Татковината, природата, убавото и кон се’ она што значи напредок, иднина.

Според кажувањата на постарите њубанци, таму секогаш живееле вредни и честити Македонци, христијани кои фанатички ја бранат и ја чуваат верата и нацијата. А и сега тие тоа го изразуваат особено на илинденското празнување, кое се одржува педедетина години токму на Илинден, на празникот над празниците.

Затоа со право се вели дека родното место на Ефтим Грежлов е најпривлечно, највесело и најпосетено на Илинден, најголемиот празник од сите празници во Македонија. Љубојно е центар за илинденските празнувања во Преспа. Тогаш, сите патишта водат кон Долна Преспа, кон Љубојно, каде се собираат голем број иселеници, преспанци што живеат низ Македонија и други балкански земји, гости и иселеници од другите села, туристи и повратници од Преспа и Битолско.

Не случајно Преспа често ја  нарекуваат македонска „Калифорнија“, бидејќи таа голема рамнина е полна со плантажи од јаболка. Долна Преспа во која припаѓа и Љубојно е вистински резерват на илјадници птици, риби, животни и голем број растенија. Богатата флора и фауна го прават уште попривлечен овој крај. Преспа  е единственото место во светот каде што живеат толку многу пеликани на едно место.

1sel13Куќата на Бранко во Љубојно 

Затоа деновите во Преспа си личат еден на друг: си минуваат неосетно, така што тешко можат да се разликуваат годишните времиња. Единствен знак на распознавање е доаѓањето и заминувањето на птиците, како и промените на боите на почвата, цветовите и плодовите на овошките. Спектарот на боите што се пренесува преку питомите води на Преспанското Езеро е раскошен во секој временски период, што е резултат на мошне благата клима, со минимална влажност. Затоа со право се вели дека Преспа е ,рај на Земјата,.

Љубојно, е едно од најголемите печалбарското место во Преспа. Како и многу македонски села и Љубојно е од збиен тип, со тесни калдрмисани улици, со стари македонски куќи, изѕидани со камен и на кои се впечатливи пространите балкони, како и дворови заградени со авлии што се резултат на пограничната местоположба. Тоа е село со долга и бурна историја. Сведоци на таа македонска историја се нивните стари куќи, кои ја чуваат вистината за Љубојно, на љубанчани и за целиот македонски народ. 

Карактеристично за Љубојно е тоа што таму на 8 и 9 септември 1943 година била формирана првата слободна територија во Преспа. Треба да се нагласи дека веднаш по ослободувањето, Љубојно прилегало на градска населба; имало Дом на културата, кино сала, парк, осумгодишно училиште, библиотека, потоа бројни трговски и занаетчиски дуќани. Таму активни биле 14 чевларски работилници, 8 дуќани за широка потрошувачка и текстил, 5 кафеани, 6 дрводелски работилници, две фурни за леб, 4 шивачки работилници, 8 воденици, две ковачници, берберница и др.. Сето тоа зборува за напредокот на Љубојно во минатото,

Исто така, значајно за Љубојно е постигнувањето на спортски план. Љубојно беше единствена селска населба во Македонија која имаше одбојкарски клуб, а кој се натпреваруваше во Првата македонска одбојкарска лига. Одбојкарскиот клуб „Љубојно“ се натпреваруваше со елитните екипи: Вардар од Скопје, потоа екипите од Титов Велес, Струмица, Тетово, Битола и други градови во Република Македонија. Иако екипата беше од мало место, во споредба со градовите ширум Македонија, сепак во Љубојно одбојката имаше големи традиции, а особено имаше талентирани одбојкари кои го освоија третото место во Македонија. Меѓу тие бројни одбојкари коишто постигнаа големи и за почит резултати беше и Бранко Ристовски (Грежловски)..

Младите одбојкари на екипата „Љубојно“ на турнирот  во Скопје во 1966 година, во јака конкуренција на јуниори,  го освои првото место, што претставува најголем спортски успех на љубанчани. Исто така, успехот на фудбалскиот клуб „Пелистер“ кој се натпреваруваше во Битолскиот фудбалски подсојуз постигна големи  резултати.

Продолжува

Пишуваат:

1slav2 Бранко Ристовски (Грежловски)         

1slave 3 Славе Катин 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *