„МАРИОВО – ЖИВА ИСТОРИЈА“ – НОВО ДЕЛО НА ЗОРАН КОСТЕСКИ-ШВАЦА

Публикацијата „Мариово-жива историја“ е издание на „Мариово филм“ од Скопје, чиј автор е новинарот Зоран Костески-Шваца Таа е отпечатена на 355 страници и содржи триеттина репортажи кои ги отсликуваат вистините, судбините, доживувањата, активнотите, историските податоци, посетите, бројните културно историски споменици и други настани кои се однесуваат на селата од мариовскиот крај

Во делото „Мариово-жива историја“Зоран Костески-Шваца пишува за Мариово како значаен дел на Македонија, вклучувајќи го минатото и сегашноста на оваа легендарна област. Затоа, авторот на ова дело како публицист и новинар со големо задоволство се зафатил да пишува и да даде придонес за вистината и судбината на Мариово, неговиот роден крај. Тој вели дека да се пишува за Мариово причинува големо задоволство, бидејќи во ова време на светска глобализација прекрасно е чувството кога ќе се најде на едно место дел од една историска вистина за минатото, сегашноста и иднината на еден убав македонски крај од незаборавот кој се вика Мариово, а  кој авторот го носи во срцето и е чест посетител на тој убав природен македонски резерват.

Во пишаните материјали е дадено дека уште од дамнешни времиња областа е позната под името Мариово. На повеќе места и пишани историски извори се среќаваат слични и малку видоизменети облици на името Мариово, како Марихово, Марина, Марихова, Мариева и други имиња. Најпознатото и раширено предание за потеклото на името е легендата во која се вели дека некој турски бег сакал да ја земе за жена во својот харем преубавата девојка Марија од овој крај. По долгите натегања Марија се согласила да оди во харемот на бегот но под услов во целиот крај да не се врши потурчување (исламизирање), да не се населуваат Турци и да не се градат џамии. Договорот бил испочитуван и целиот крај бил спасен од насилните потурчувања и зулуми. Во знак на благодарност населението во чест на убавата Марија која го спасила целиот крај го дале името Мариово.

Инаку, во делото „Мариово-жива историја“ од Зоран Костески-Шваца е забележано дека областа Мариово во Македонија е карактеристична по својата историја, етнологија, традиции и култура. Оваа област се наоѓа во крајниот јужен дел на Република Македонија. На просторот на Мариово имало присуство на луѓе и население со организиран начин на живот уште од одамнешни времиња односно најраните историски периоди. Поради тоа Мариово изобилува со многу богато и бројно историско наследство. Меѓу бројните пронајдоци уште од каменото и железното време, особено се истакнуваат античките и средновековните споменици и пронајдоци.

1vasw12

Исто така е забележано дека Мариово е регион среде Македонија, но со Букурешкиот договор, денес е само пограничен предел на југот на Република Македонија. Мариово е необично по многу нешта. Тоа е висорамнинска котлина, најверојатно од езерско потекло, за што сведочи фосил од риба пронајден во дијатомејска земја во близина на Селото Манастирец, што денес се чува во прилепскиот музеј. Мариово е необично по својата дива убавина, по својата изолираност од светот, по своите огромни природни богатства на метални и неметални руди: железо, никел, хромит, јаглен, каолин, доломит, кварц и многу други минерали. Според хидрографијата Мариово, речиси, реката Црна го дели на два дела низ кои поминуваат и во Црна се влеваат голем број притоки.

Во оваа монографија се вели дека Мариово зрачи дванаесет илјади години како дел на животниот простор на Бригите, Пелагонците, Пајонците, Линкестидите, Енгеланите, Дасаретите, Орестите, Еордаите, Елимеите, Ботиајците, Пиеријците Алмопите, Мигдонците, Крестонците, Бисалтите, Еордејците, Едонисите, сите познати во Хомеровата „Илијада“, сите сродни по јазик македонски и култура македонска. Тие биле дел од културниот простор на древна Македонија, од македонската кралска династија на Аргадите, дел од Римската Империја, дел на животниот простор на Македонската Самоилова држава, предводена од царот Самоил, како дел од Византија и од Отоманската Империја.

Во делото „Мариово-жива историја“од Зоран Костески-Шваца се дадени различни материјали за судбината, историскиот развој и вистината за селата Дуње, Пештани, Мариово, Дуње, Пештани, Вепрчани ,Гуѓаково, Рожден, Врпско, Живово, Витолиште, Мелница, Бешиште, Полчиште, Манастир, Брод, Градешница, Старавина, Добровени, Зовиќ, Ивени, Брник, Паралово, Скочивир, Соич, Писокал, Бонче, Крушејца, Чаниште, како и за последната женска свадба во Мариово. На крајот на монографијата едаден Регистар, Речник на помалку познати архаични зборови и Прилози кои зборуваат за објавени и други текстови на авторот Зоран Костески-Шваца.

Авторот вели дека денес Мариово сѐ уште е најзафрлен и неразвиен крај во Македонија кој заедно со преостанатите старци кои живеат во старите разрушени камени куќи се сведоштва за Мариово. И покрај тоа што Мариово е оставено  да биде покриено од неправедната прав на заборавот, постои надеж дека меѓу помладите Мариовци по раѓање или по потекло, особено меѓу оние поупатените во областите на историјата и антропогеографијата, ќе се изнајдат и љубопитници и ентузијасти, кои за голем број прашања изнесени, делумно опфатени или недопрени, ќе вложат и љубов, и труд, и знаење ќе ја доистражат и изнесат на виделина вистината за Мариово.

Мајката природа на Мариово му подарила богатство на убавини и атрактивности. Во исто време, историјата му оставила непроценливи траги од значајни настани. Затоа мариовци  каде и да се во родниот крај или надвор од него, се радуваат со сето тоа што го има во Мариово, се гордеат и го чуваат ваквото богатство за идните генерации.

1vasw13

Авторот Зоран Костески-Швац во делото „Мариово-жива историја“, меѓу другото вели дека тој  четириесетина години го носи во него големиот автор и негов идол-Стале Попов. Исто така, Зоран е триесетина години во неговото Мариово, талкајќи низ овој убав крај и секогаш во себе ги прераскажувал записите на Стале Попов за Калеш Анѓа, (Анѓа Сирмева), Толе Паша (Стојан Куликов), Шаќир Војвода (Крсте Ѓермов) Доста Рожденката (Крпен живот), Опасна печалба, Необично дете, Дилбер Стана, Доктор Орешкоски и мариовскиот итроманец Итар Пејо и други.

Затоа Зоран се обидува барем малку да му се доближи на Стале Попов, кој е ненадминат познавач на целокупниот народен живот, на празниците, обичаите, носиите, накитот на народните песни и приказни. Барем малку да ја надополнам неговата голема македонска книга  на легендите и преданијата, на обичаите и маѓиите, на песните и ората, на тажалките и клетвите, на таговнините и радосниците. Таа е голема македонска книга на долгите ропства и непрестајни бунтови, на отпорот и непокорот, на победите и поразите во оваа обемна книга на севкупниот македонски етнос. Затоа, Зоран се обидува да ја надополни едната од најмаркантните книги која ја има напишано Стале Попов, со единствено име „Македонија“.

Авторот на делото „Мариово-жива историја“ Зоран Костески-Шваца, е роден 1964 година во прилепското село Рилево. Основно образование завршил во село Ропотово, средно графичко училиште во Скопје, а дипломира на Правниот факултет на интердисциплинарни студии по новинарство, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Првите чекори во новинарската професија ги започнал во Радио Скопје, потоа во Македонската радио телевизија во програмата „Радио Македонија“ во емисите: „Глас од татковината“, „Нашите сонародници во странство“,.„Доброутро Македонијо“ и други емисии, за да заврши во. Телевизија А1 и во други информативни гласила во Македонија. Денес тој е сопственикот и душата на продукцијата „Мариово филм“, која ги разбуди заспаните сништа за безброј заборавени македонски села и градови во Република Македонија..

Во неговата публикација „Мариово-жива историја“ Зоран скромно пишува дека тој се обидува барем малку да ја надополни големата македонска книга на легендите и преданијата на обичаите и маѓиите, на песните и ората, на тажалките и клетвите. Исто така, во своите репортажи тој се труди да ги претстави убавите предели на македонската земја и да ја збогати големата македонска книга на долгите ропства и непрестајни бунтови, на отпорот и непокорот, на победите и поразите. Затоа, и Зоран Костески-Шваца со своето обемна репортерско дело за севкупниот македонски етнос, има за цел да даде скромен придонес на целокупното дело на Стале Попов, кој цело време пишувал една единствена книга, која има единствено име Македонија, а таа е преточена во романизираната историска повест Мариово –жива историја.

1slave 1Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *