Новиот Клинички центар ќе се гради во близина на болницата во Бардовци (ДПЛ)

Новиот Клинички центар ќе се гради на локација во близина на Психијатриската болница во Бардовци, а планирано е таму да бидат сместени и Медицинскиот факултет, соодветен истражувачки центар и кампус за студенти по медицина, соопшти на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Според проценките, изградбата треба да почне за година и пол до две, а да трае четири до пет години.

Посочи дека тоа ќе биде мал медицински град кој ќе биде лесно достапен за граѓаните на Скопје и на целата држава. Одлуката за дислокација, наведе Филипче, е донесена по широки консултации со лекарите, архитектите и граѓаните.

– Го послушавме гласот на граѓаните, на стручната јавност, на Асоцијацијата на архитекти, на лекарите, но и на здруженијата на пациенти и одлучивме дека постојната локација не е најдоброто место за понатамошно функционирање на Клиничкиот центар, рече Филипче.

На сегашната локација, дури и со новиот проект, појасни, немаше да се постигне добро сообраќајно решение, немаше да има доволно паркинг места и улицата „Водњанска“ и натаму ќе останеше тесно грло кое лошо ќе им служеше на граѓаните кои живеат во околината и истовремено немаше да обезбеди добар пристап до болничката услуга за граѓаните.

Истовремено се работи и на подобрување на сообраќајното решение каде што сега се наоѓа Клиничкиот центар.

– Со градот Скопје имаме изготвено решение за влез на возилата, но и за нивен проток. Ќе обезбедиме посебна лента за влез на Итната медицинска помош. На плацот кој беше предвиден за градба за кратко време се надевам ќе успееме да направиме и монтажна катна гаража со што колку толку ќе го олесниме протокот на возила во рамките на сегашниот Клинички центар, истакна Филипче.

Појасни дека станува збор за проект за кој претходната Влада имала потпишано договор и има некои финансиски обврски. Изрази надеж дека ќе има простор да преговараат со Банката на Советот на Европа со која тој договор е потпишан, дека ќе успеат да направат реангажман на тој договор, дека ќе успеат да не ги платат пеналите кои се предвидени да се платат ако овој договор не се оствари.

Посочи дека претходно планираното решение, иако е поевтина инвестиција, на долг рок би била поскапа.

– Остануваат многу згради кои се стари, остануваат две згради со кои Новиот клинички центар требаше да биде споен, кои се за реновирање. Дури кога ќе завршеше градбата на новата зграда кога ќе се споеше со постојните објекти требаше да влеземе во следна фаза на реновирање на останатите седум до осум стари згради, додаде Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека дел од земјиштето е државно, има изработен детален урбанистички план и треба да се преземат чекори да се расчистат имотно-правните односи.

– Станува збор за парцела која има големина од 84 хектари. Само за споредба постојната површина е 24 хектари. Има сосема доволно место за еден голем и модерен Клинички центар, за интегрирани услуги, за објект кој може да дозволи нов тип услуги, формирање хибридни операциски сали, на комерцијални, но и интероперативни процедури, нешто што во проектот за сегашниот Клинички центар не беше предвидено, посочи Филипче.

На прашање колку ќе чини целокупната инвестиција, рече дека според првичните анализи, инвестицијата би била околу 420 милиони евра, но оти во врска со тоа дополнително ќе излезат со точна информација.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *