Во Атина Европска конференција на претседатели на парламенти

Претседателот на грчкиот парламент Константин Тасулас, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Рик Даемс и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ денеска во Атина ја отворија дводневната Европска конференција на претседатели на парламенти изразувајќи задоволство што таа се одржува со фицилко присуство на 48 претседатели на парламенти, меѓу кои е и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери.

Во воведното излагање тие ја истакнаа важноста на темите и предлозите што би требало да се упатат до владите за преземање на активности со цел надминување на денешните предизвици.

Како што се наведува во соопштението од Собранието, во однос на темата за споделување на искуства за предизвиците кои пандемијата со Ковид-19 ги наметна врз демократиите и за решавањето на слични кризи во иднина, беше подвлечена важноста на парламентите како гаранти на демократијата во време на криза и беше поздравен фактот што повеќето парламенти успееја да ги обезбедат неопходните прилагодувања на нивните правила и процедури со цел да продолжат да ги извршуваат уставните улоги за време на пандемијата.

Во однос на улогата на парламентите и правото на здрава и одржлива животна средина, беше упатен повик претставниците на законодавните домови да се заложат за усвојување на мерки со кои ќе се обезбеди правото на безбедна, чиста, здрава и одржлива животна средина, вклучително и преку дополнителен протокол кон Европската конвенција за човекови права, кој треба да биде правно обврзувачки за земјите членки.

-Експлицитното признавање на правото на здрава и одржлива животна средина во Европа како и во другите региони во светот, ќе го отвори патот за решителна акција и на европско и на национално ниво, било посочено на отворањето на конференцијата, соопштија од Собранието.

Според агендата, претседателот на Собранието Џафери ќе се обрати на вториот ден на Конференцијата, на темата „Заедничката иднина на сите европски граѓани“, а на маргините на Конференцијата предвидени се средби со домаќинот, претседателот на грчкиот парламент Тасулас и со потпретседателката на шведскиот парламент Џонсон Форнаве.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *