СЛАВЕ ГРПЧЕВ – ЈАНКУЛОВСДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА 

 

СЛАВЕ ГРПЧЕВ – ЈАНКУЛОВСДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА 

Славе  Грпчев – Јанкуловски, беше познат  меѓу Македонците во Торонто и пошироко како добар раскажувач на народни умотворби кои ги паметел уште од дете. Тој е автор на публикациите „Македонски народни приказни од брегот на Преспанското Езеро“,Стари македонски народни песни“ и „Македонски народни песни – старо богатство“ Исто така, тој бил познат како хуманист и добротвор во македонската комуна 

Во Наколец е роден Славе  Грпчев – Јанкуловски, за кого се вели дека е вљубеник во Преспа и е голем прераскажувач на македонското народно творештво, особено она од Преспа, кое тој со години го пренесуваше меѓу македонските доселеници во Торонто.

Неговото родно село Наколец е оддалечено околу триесеттина  километри од Ресен. Тоа е интересна населба, распространета до брегот на Преспанското Езеро. Тоа е рамничарско село и не е многу големо. Се споменува уште од 1337 година, во Втората грамота на цар Душан. Неговиот атар зафаќа простор од околу пет километри квадратни.

За Наколец е забележано дека има основно училиште во кое се одржува настава до четврто одделение, има амбуланта, продавници и услужни објекти за градежен материјал, железо и земјоделски препарати. Порано селото било средно по големина, а со иселување на жителите во странство и по македонските градови, значително се намалил бројот на жителите.

Славе  Грпчев – Јанкуловски е роден во 1934 година во Наколец. Завршил четири одделенија основно училиште во родното село Наколец, но немал услови да го продолжи своето образование. Тој потекнува од старо македонско семејство кое се занимавало со земјоделство и риболов.

1ras12Селото Наколец 

Судбината и тешките услови за живот го натерале да создаде ново животно гнездо во Канада. Така, во 1969 година, заедно со сопругата Олга, синот Јове и ќерката Валентина се преселиле во  Торонто, каде им се родиле внучињата Даниел, Андтријана и Александар.

Една од езерските населби во Преспа е, секако, селото Наколец. Тоа е дел од Долна Преспа и е сместено на источниот брег на Преспанското Езеро. Наколец се наоѓа на неколку километри од границата на македонската земја, на запад од Љубојно и на север од Долно Дупени, на надморска височина како и Езерото, од околу 800 метри. Тоа е типично езерско, преспанско село.

Името го добило по тоа што во минатото, кога нивото на водата на Преспанското Езеро рапидно се зголемила, селото било изградено на колци, затоа често се вели дека Наколец била вечна наколна рибарска населба. Иако жителите немале можност да ја видат населбата на колци над вода, се сеќаваат дека до пред триесеттина години езерската македонска православна црква „Свети Никола“ се наоѓала во вода.

Од ѕидот на црквата се скокало во вода. Затоа до денес остана прераскажувањето, дека Наколец во минатото било македонска Венеција. Подолг период плажите вдолж брегот на Преспанското Езеро кај Наколец биле едни од најпесокливите и најатрактивните и претставувале собиралиште на бројни капачи од Преспа и пошироко.

Ова го кажуваат преданијата,  а денес селото е оддалечено од езерото, каде пораснала корија од дрвја и трски.  Во него, живеат Македонци, Албанци и Роми. Жителите во ова населено место отсекогаш биле пример за добар соживот, бидејќи тие заедно оделе и на свадби, и на погреби, и на риби, и на ниви и заедно делеле и добро и зло.

Славе  Грпчев – Јанкуловски го раскажуваше преданието дека селото трипати било преместувано додека не ја заземало денешната местоположба што се потврдува со следниве факти. Кога езерото било повлечено слично на денешната положба, населбата постоела на околу 300 метри поблиску, кон езерото од денешната местоположба. Тоа се потврдува со откриените остатоци по опаѓањето на нивото на водата, што следи во периодот од 1987 година до денес, со тенденција на натамошно повлекување.

Притоа, покрај темелите на езерската црква „Свети Никола“, која била преместувана кон крајбрежјето и остатоците од живеалиштата, беа откриени два бунара: едниот соѕидан со камен, другиот плетен со фоини прачки, како и многу керамички предмети. Но, најинтересно е тоа што повлеченото Преспанско Езеро зад себе оставило траги од некогашни живеалишта на колци, според кои се зачувал топонимот, односно името на селото Наколец, што означува живеалиште на колци.                                                              

1ras13 1ras14

Во Наколец постојат три значајни локалитети: Леска, Метилаец и Лапата. Во него постојат три македонски православни цркви и тоа: „Свети Никола“, лоцирана во центарот на селото каде се и селските гробишта, која е изградена во 1884 година, потоа црквата „Свети Атанас“, подигната меѓу двете светски војни и уште езерската црква „Свети Никола“, подигната на самиот брег на Преспанското Езеро, изградена во 1921 година на стари темели.

Во Наколец постои џамија, која, веројатно, била изградена во XIX век, реновирана е во 1995 година, а во неа постојат гробишта ,чии гробови се напишани со арапско писмо. Таа им служи на муслиманите во селото. Исто така, во Наколец има и теќе, кое е реновирано во 2003 година, и е лоцирано на самиот влез во селото. И покрај тоа што сите верници од муслиманска вероисповед во селото одат во џамијата, постоењето на теќето укажува на постоење на муслиманска дервишка секта – бектеши во овој дел на Преспа.

Според зборовите на Славе  Грпчев – Јанкуловски, со своја прва училишна зграда селото се стекнало во годините на Првата светска војна, од кога, всушност, и почнале образовните процеси во овој крај. Затоа селото е познато по одреден број интелектуалци, кои живеат на балканските простори, во Канада, Соединетите Американски Држави и Австралија.

Славе  Грпчев – Јанкуловски е автор на публикацијата, „Македонски народни приказни од брегот на Преспанското Езеро раскажани од Славе Јанкуловски-Грпчевски“, што ја подготвил д-р Танас Вражиновски. Таа е значајна публикација за Наколец и Преспа која е издадена и промовирана во Торонто, 1995 година. Таа содржи 200 страници на кои се претставени вистини за селото Наколец и Преспа.

Славе  Грпчев – Јанкуловски беше одличен раскажувач и човек кој беше вљубен во народното творештво, особено од преспанскиот крај. Тој е автор на книгите: „Македонски народни приказни од брегот на Преспанското Езеро“, Торонто1999 година на 200 страници, што ја подготви д-р Танас Вражиновски, како и на публикациите „Стари македонски народни песни“, „Македонска искра“, Скопје, во 2004 година на 323 страници, и „Македонски народни песни – старо богатство“, „Македонска искра“, Скопје, 2004 година, на 366 страници, што ги подготви авторот на овој текст, Славе Катин, кој е во роднински врски со семејството Грпчевски по баба му Ката.

Така, во поговорот на делото „Македонски народни приказни од брегот на Преспанското Езеро“, меѓу другото, се вели дека публикацијата претставува значаен прилог и придонес во собирањето, зачувувањето и афирмирањето на македонското народно творештво. Таа, всушност, претставува скромно дело на еден македонски иселеник во Канада, кој ја напуштил татковината, а го заробила носталгијата.

Авторот вложи огромен труд, напор, време и средства, а со тоа му се исполни желбата да ја изрази својата голема љубов, мечта и дарбата кон пишаниот збор, кон своето семејство, кон народно творештво… Ова дело содржи 360 страници на кои по азбучен ред се дадени неговите записи за народните песни.

Делото, пак, „Стари македонски народни песни“ (2004) на Славе  Грпчев – Јанкуловски содржи 330 страници на кои се презентирани 325 песни кои тој самиот ги собрал и ги напишал. Нив ги паметел уште од дете, а ги слушал од луѓето, пренесени од колено на колено, од генерација на генерација и од место до место.

Затоа, Славе  Грпчев – Јанкуловски ќе рече дека неговата желба беше песните да останат вечни и да се пренесуваат од поколение на поколение, не само во Македонија туку и меѓу Македонците кои живеат во Канада.

Книгата „Народни приказни од Преспа“ (2004), исто така, е приватно издание, во која сите приказни ги напишал авторот. Нив ги паметел уште како дете, а ги слушал од народот. Тој велеше дека приказните немале стопан, туку тие никнале од земјата и останале вечни и се пренесуваат генерациски натаму за да не се заборават.

1ras15  1ras16

Тој, меѓу другото, ќе забележи: „Од половината на XX век, за жал, селото Наколец остана полупразно. Езерото се повлече кон длабочините, планината остана пуста, а Македонците речиси се иселија. Таму не се слуша блеењето на овците и јагнињата, се изгуби гласот на ѕвонците, на песната, на убавото, на минатото… Тогаш и мене иселеничката река ме донесе во Канада, каде изградив постојано гнездо за моето семејство“.

Затоа се вели, дека Славе  Грпчев – Јанкуловски имаше дарба и знаеше да раскажува. Тој пееше и тогаш кога работеше тешка физичка работа, живееше со македонското народно богатство и знаеше да се радува и духовно да зрачи и тогаш кога му се плачеше.

Делата на Славе Грпчев – Јанкуловски, всушност, се значаен  прилог и придонес во собирањето, зачувувањето и афирмацијата на македонското народно творештво. Публикациите, претставуваат скромно постигнување на еден македонски иселеник во Канада кој ја напуштил Татковината, а него го заробила носталгијата.

За да најдат овие дела за македонските народни умотворби простор под Сонцето, авторот вложил огромен труд, време и средства, а со тоа му се исполни желбата да ја изрази својата голема вера, надеж, љубов и дарба кон пишаниот збор, кон своето семејство, кон македонското народно творештво и кон Македонија

Продолжува

1slave 1Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *