Со американска помош до голем прогрес во делот на енергетиката

Земјава веќе ги исполни сите обврски што ги има кон Енергетската заедница и има голем прогрес во делот на енергетиката што се гледа и од извештајот на Европската комисија, порача министерот за економија Крешник Бектеши на завршниот настан на Проектот на УСАИД за развој на регионални пазари на енергија и дискусија на тема „Идните предизвици во развојот на енергетскиот сектор во Република Северна Македонија“.

Со помош на американската помош, како што рече, во делот на енергетиката се направени речиси сите реформи во делот на барањата на Енергетската заедница и во делот на транспонирањето на регулативите и директивите на Европската Унија.

-Ќе продолжиме со тесна соработка со нашите партнери како што е УСАИД со цел да имаме што подобар енергетски сектор и да се поврзиме со соседите за да имаме регионален пазар на електрична енергија и да бидеме подготвени кога ќе влеземе во Европската Унија. Имаме нови закони за енергетика и за енергетска ефикасност за кои се донесени и сите подзаконски акти со што се отвора врата за нови инвестиции посебно во делот на обновливите извори на енергија. Министерството за економија веќе го реализира и третиот повик во делот на фотонапонските електроцентали на кој има десеттина понуди. Убеден сум дека до крајот на годинава ќе потпишеме договори со повеќе инвеститори, изјави Бектеши.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски посочи дека преку проектот многу била помогната РКЕ.

-Со нивна помош ги изработивме сите подзаконски акти кои ни беа обврска од Законот за енергетика. Како резултат на имплементирањето на Законот за енергетика во пракса и усвојувањето на постојната законска регулатива РКЕ три години по ред е најдобро оценето регулаторно тело во рамките на Енергетската заедница и се стекна со правото да биде посматрач во рамките на Здружението на сите европски регулатори, рече Бислимоски.

Во пракса, истакна, сега се покажува дека со овој Закон  за енергетика се штитат правата на граѓаните во кризни услови.

-Во кризни услови цената на ЕСМ е 36,1 евро за мегават час електрична енергија, а цената на слободниот пазар во овие моменти е колку 180 евра. Токму овој закон и подзаконски акти ни овозможија во овие моменти да имаме стабилна цена на електрична енергија за домаќинствата, потенцира Бислимоски.

Самир Латиф од  Проектот за развој на регионални енергетски пазари на УСАИД посочи дека проектот траеше четири години.

-Целта на проектот беше усогласување на националното законодавство со регулативите на Европската Унија и тоа беше направено целосно и соодветно беа транспонирани сите регулативи и директиви и затоа во 2018 година се донесе новиот Закон за енергетика и новиот Закон за енергетска ефикасност во 2020 година, рече Латив.

Двата закона, посочи, на некој начин донесоа нови концепти во однос на деловното опкружување и во однос на подобрување на услугите на граѓаните.

-Воведена е целосна либерализација на пазарот на електрична енергија, воспоставен е концептот – Универзален снабдувач кој нуди услуги за домаќинствата и  на некој начин е балансниот механизам во смисла за преживување на ценовни шокови. Го подобри и деловното опкружување во однос на инвестиции во обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку создавање на законска и подзаконска рамка поради што последниве две години има голем интерес од домашни и странски, поголеми и помали инвеститори за инвестиции во ОИЕ, конкретно во соларна енергија, рече Латиф и додаде дека до сега се потпишани договори за соларни електроцентрали со инсталирана моќ од 56 мегавати.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *