Продолжуваат предизборните активности на партиите и независните кандидати

И денеска продолжуваат интензивните активности на партиските и на независните кандидати за градоначалници и советници. Најавени се повеќе митинзи и средби на кои граѓаните во 80-те општини и Градот Скопје ќе можат да ги слушнат понудите на партиските и независните кандидати.

Централниот караван на СДСМ и Коалицијата ќе биде меѓу граѓаните на Петровец и Илинден, а на централниот настан ќе биде во Аеродром. Вториот караван на СДСМ и Коалицијата ќе биде во Гази Баба. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во Бутел, Чаир и Центар. ДУИ изборната кампања ја продолжува во Општина Теарце. Во Кавадарци и Велес изборни активности ќе има Движењето „Одлучно за промени“ предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП, а Движењето БЕСА ќе има изборни активности во Студеничани.

Во текот на вчерашниот ден лидерот на СДСМ Зоран Заев од Кавадарци порача дека на 17 октомври ќе победат со најдоброто, а тоа за оваа општина е кандидатот за градоначалник Горан Тодоров и советничката листа на СДСМ.

Тој се осврна на позитивните работи во изминатиов период и најави дека така ќе се продолжи и во наредниот период. Говореше за зголемување на платите и пензиите, за инвестициите во патната и комуналната инфраструктура и потсети на проектите реализирани во овој регион, со пари од централниот буџет. Проговори и за поддршката  во лозарството и винарството, малите бизниси, за реализираните и новите проекти во сите сфери од животот.

Заев посочи дека во Кавадарци и во секоја друга општина, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги очекува пораз, затоа што граѓаните знаат кој работи за нивните, а кој против нивните интереси.

-Граѓаните се мудри граѓаните знаат да измерат и да оценат. Граѓаните гледаат кој ги раздолжи општините со 50 милиони евра и вложи дополнителни 500 милиони за проекти, а кој потроши 800 милиони за криминални тендери само во центарот на Скопје. Гледаат граѓаните и знаат, кој за четири години изгради 60 градинки, 80 училишта, 60 објекти за полицијата, 34 здравствени установи, а кој постави 300 споменици, гипс картон, палми и жални врби. Знаат граѓаните и кој ја држи стабилна цената на струјата, а кој ја покачи за 100 отсто. Знаат граѓаните кој им должеше субвенции со години, а кој навремено им испалаќа субвенции. Знаат лозарите колку пари имаа од грозјето, и колку приход имаат денес. Гледаат граѓаните и прават разлика и таа разлика ќе ја потврдат на денот на изборите. Знаат граѓаните дека сега е многу подобро и затоа на 17 октомври ќе го изберат Најдоброто и масовно ќе гласаат за број 12, рече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од митингот во Струмица порача дека ова можеби се само локални избори, но, како што истакна, ако се погледне подлабоко тие се многу повеќе од тоа. Од овие локални избори, нагласи, зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата Македонија.

-Изборот е едноставен, на овие избори или ќе продолжи корупцијата, криминалот, хаосот, немањето правда, стагнација на државата, експерименти во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделието, или ќе создадеме сите заедно една нова поинаква, различна, подобра иднина, истакна Мицкоски.

Прашањето на кое сите ние треба да одговориме на овие избори, рече Мицковски, е дали сме подготвени да им подариме уште нови четири години на истите луѓе кои, како што нагласи, веќе два пати до сега ги изневериле очекувањата и давале лажни ветувања.

Демократската унија за интеграција  (ДУИ) изборните активности синоќа ги продолжи во Општина Врапчиште. Претседателот на ДУИ Али Ахмети пред присутните граѓани истакна дека за менаџирање на државата потребен е силен и специјализиран кадар од различни области, а, како што рече, ДУИ ги има.

– Тука сме сите заедно за да ја потврдиме силната подддршка што ќе ја има кандидатот Неби Реџепи за да ја води општината во наредните четири години. Ова е инвестицијата што ја има направено ДУИ, бидејќи позади Неби стојат силен кадар од многу области како финансии, економија, животна средина,затоа што има и такви што мислат дека секој може да води и владее, но не е лесно да се менаџира една општина и држава, без специјалисти и подготвени луѓе. Тука, ние го изгласавме законот за прогласување на Шар Планина за Национален парк, тука е иднината, тука се нафтените бунари и Шар Планина нема замена бидејќи ни е подарок од Бога, треба да ја изградиме и да ја направиме привлечна за да ја посетат од целиот свет. Зелената агенда е исто толку национална колку и националните прашања што сме ги решиле досега, Зелената агенда е исто толку важна колку и националното знаме, рече Ахмети.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на митингот во Тетово истакна дека нема дилема дека заедно со Алтернатива ќе победат и ќе донесат промена за граѓаните.

-Нема дилема дека ќе победиме. Кога има волја, ќе се направи тоа. И досега имаме примери, таму каде што раководеле општини градоначалници од Алијансата, има развој, додека секаде каде се од ДУИ општините имаат долгови и полни се со смет. Кога сум во Тетово се потсетувам дека е град на два универзитети, ама не го личи сега таков. Тоа ќе се промени на 17 октомври кога по победата наша навистина ќе го личи на град со два универзитети, изјави Села.

Лидерот на партијата Алтернатива, Африм Гаши истакна дека Вулнет Мурсели има јасна визија и е убеден во неговата победа, верувајќи дека се што ветил ќе исполни.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *