Претседателката на ЕК фон дер Лајен утре во посета на Северна Македонија

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен утре ќе допатува во посета на Република Северна Македонија.

Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заевна платото пред Владата.

Според агендата, предвидено е двете делегации да заминат во Младинскиот културен центар, каде, по настанот предвиден во фоајето на МКЦ, ќе се упатат кон Кино Фросина каде ќе се одржи заедничка прес-конференција на премиерот Заев и претседателката на ЕК фон дер Лајен.

Портпаролот на Европската Комисија, Ерик Мамер, претходно најави дека Урсула фон дер Лајен во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија. Како што јави допсиничката на МИА од Брисел, Мамер не даде повеќе детали, и посочи дека прашањата ќе бидат одговорени на прес-конференциите што ќе ги има претседателката на ЕК.

-Претседателката оди на Западен Балкан да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот, ова се партнери на ЕУ со кои имаме многу силни врски и посетата ќе биде прилика да се разговара за овие односи вклучително и тоа билатерално прашање, рече Ерик Мамер, зборувајќи за македонско-бугарскиот спор.

Фон дер Лајен од 28 до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан почнувајќи од Албанија и Северна Македонија.

Шефицата на Европската Комисија ќе го посети регионот една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи на шести октомври во Словенија со лидерите од регионот.

Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“ туку прилика да се разговара за односите на ЕУ и регионот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *