Николовски: Продолжуваат разговорите за проблемот со брашното

Контролните маркички за увоз на еден, два и пет килограми брашно да се лепат во Србија, а за пакувањата со 25 и 50 килограми во Македонија согласно новиот Правилник. Тоа, според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, е прифатливо за македонското Министерство за земјоделство во преговорите со Србија за надминување со проблемот за увозот на брашно.

По најавата од српскиот министер за трговија Расим Љаиќ дека Србија од утре воведува контрамерки, Николовски денеска изјави дека „не знае што најавува Србија“, но оти се во постојан контакт и оти разговорите за наоѓање решение продолжуваат.

– Настанатата состојба со увозот на брашното нема да предизвика недостиг од брашно на пазарот и покачување на цената на брашното, тврди Николовски, повторувајќи дека целта е да се почитува Правилникот кој претходно постоел и оти со него се намалува цената на контролните маркички и се кратат административните процедури.

Како што вели, преземените активности се врз основа на аргументите кои покажале дека има разлика од 25.000 тони во увезеното брашно и издадените контролни маркички.

– Едни се официјалните бројки за увоз кои ги дава Царинската управа, а втори се оние кои ги дава Агенцијата за храна и ветеринарство, а сосема трети се официјалните податоци на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за издадени контролни маркички. Имаме разлика  од 25.000 тони за кои не се издадени маркички, а Царинската управа вели дека се влезени на граница, изјави Николовски.

Како што појасни, увозниците во барањето за повлекување на Правилникот, освен аргументот за лепењето на маркичките, реагираат дека сега мора да го почитуваат делот  за складирање на брашното во магацините за увоз.

– Се поставува прашањето зошто тогаш постојат магацините  ако таму не се складира брашното и оди директно во промет, и ако половина се продава, а за половина добиваме анализи и кој граѓанин ќе биде сигурен ако купува брашно за кое нема анализи. Преговорите и разговорите ќе продолжат во тој правец, рече Николовски.

Тој најави дека во текот на денов за проблемот со увозот на брашното ќе разговара и со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како и на денешната седница на Владата.

Се очекува, на денешниот Економски совет на министрите од ресорот економија да биде отворено и прашањето за измените на Правилникот поради кој настана недоразбирањето со Србија.

Министерот Николовски во саботата соопшти дека е договорено да се формира комитет меѓу двете страни кој ќе ги отвори сите можни парашања, а првата седница е закажана овој месец во Ниш.

Српскиот министер Љаиќ, денеска изјави дека Србија од утре ќе воведе контрамерки кон Македонија поради отежнатниот увоз на брашно.

– Не можеме веќе да чекаме. Освен купување време, од нивна страна не видовме никаква подготвеност за решавање на проблемот,  рече Љајиќ во изјава за „Данас“.

Проблемот со увозот на српското брашно настана откако Македонија, на 8 февруари годинава, ги воведе измените на постојниот Правилник. Со измените се налага брашното да се обележува со маркички по неговото дистрибуирање и целосна контрола во земјава, а не уште пред да стигне во Македонија, од страна на извозниците.

Србија реагираше зашто смета дека Македонија воведува бариери, што од македонска страна се негира и се напоменува дека условите за увоз и досега беа исти, само е сменет нивниот редослед и мора да се почитуваат.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *