Децата најголем процент меѓу идентификуваните жртви на трговијата со луѓе, најчеста сексуалната експлоатација

Ковид пандемијата не остави некоја посебна промена во однос на борбата против трговијата со луѓе односно и натаму остануваат присилните бракови и сексуалната експлатација, при тоа можеби малку повеќе се зголеми влијанието на интернетот како начин на врбување на децата, вели за МИА, Љупчо Маркудов, началник на Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти и помошник раководител на Националната единица за сузбивање криумчарење на мигранти и трговија со луѓе.

Овој тренд не карактеристичен само за изминатата, туку и за последните неколку години. За жал, потенцира тој, сите идентификувани, не потенцијални, туку идентификувани, жртви на трговија со луѓе во најголем процент се деца од 12 до 17 години. Најчесто, наведува, е сексуалната експлоатација, но се застапени и присилните бракови, во кои пак е вклучена сексуална и трудова експлоатација.

Маркудов говорејќи за состојбите во борбата против трговијата со луѓе и илегалната миграција, меѓу другото информира дека во Центарот за жртви на трговија со луѓе во моментот има само две лица, од женски пол и тоа деца, жртви на сексуална експлоатација. Другите кои се рехабилитирани и на кои им е помогнато, дадени им се можности кои ги прифатиле, одат на курсеви, се насочуваат за да им се обезбеди и работа и сите права од програмата и индицивидуалниот план за помош и поддршка на секоја жртва.

Влијанието на Ковид пандемијата во идентификување на потенцијални жртви на трговија со луѓе и борбата против трговијата со луѓе

Ковид пандемијата, оценува Маркудов, не остави некоја посебна промена. И натаму, потенцира, присилните бракови и сексуалната експлатација остануваат, можеби малку повеќе се зголеми влијаните на интернетот како начин на врбување на децата. Многу повозрасни се претставуаат како дечковци и закажуваат состаноци, па на тие состаноци покрај дечкото доаѓа некој многу повозрасен, кој потоа ја презема целата работа во експлоатацијата на децата.

Маркудов истакнува дека интернетот и социјалните мрежи се главен проблем во државата.

– Сега имаме посебна организациона единица во МВР што ги следи, но се разбира не е во можност да ги следи сите веб страни или социјални мрежи. Тука дефинитивно ни треба помош и од родителите и до целата заедница. Каква било информација да имаат да можат да ја споделат, за да може да му се помогне на кое било дете, изјави за МИА, Маркудов.

Маркудов низ конкретен пример за МИА го опиша еден од начините за регрутација на жртви на трговија со луѓе преку интернет.

Девојче на 15 години од асоцијално семејство, родителите разведени, мајката не заинтересирана за детето, таткото живее надвор од Република Северна Македонија. Стапува во контакт преку социјална мрежа со дечко, две до три години постар од неа, се зближуваат, договараат заеднички средби. Две средби се реализираат со дечкото, а на третаата се појавува „таткото“.

Ги носат во друг град во нашата држава, заедно живеат во стан, одат по кафулиња, по туристички места, девојчето е среќно, конечно наоѓа нешто што личи на љубов, меѓутоа тоа многу брзо се менува. Девојчето се затвора во стан, во еден од градовите во државата и тука под дејство на дрога, алкохол е доведена во остојба на послушност и принудена да дава сексуални услуги на машки лица.

Овие деца, нагласува Маркудов, иако не се спремни за брак, ниту физички, ниту психички, присилно стапуваат во брак и тука од страна и на целото семејство се сексуално експлоатирани, се принудувани да вршат тешки физички домашни работи што не одговараат на нивната возраст. Многу често и полски работи, па дури и питачење, работа на пазар итн. Тоа се главните форми на експлоатација кога се работи за децата.

Жртвите на трговија со луѓе не познаваат националност 

Жртвите на трговија со луѓе ги има од сите националности, наведува Маркудов, но најзастапени се од ромската популација, затоа што тоа со години наназад се третираше како нивно обичајно право. Но, тоа во последните години го менуваме, вели тој, и Јавното обвинителство се повеќе ги прифаќа препораките од меѓународнити организации, но и нашите пријави кои се однесуваат на присилните бракови.

– Ако дететето е најзаштитена категорија, не можеме ние да дозволиме да стапи во присилен брак или да биде експлоатирано на кој било начин, додава Маркудов.

Каде се сместуваат децата жртви на трговија со луѓе 

Децата жртви на трговија со луѓе не мора да бидат во специјалниот Центар, што на некој начин е позатворен тип во однос на другите групни домови. Онаму каде што нема безбедносен ризик по детето можно е сместување и во  групни домови. Таму се работи со тие деца, таму следат и настава, а самото дружење со другите деца доведува до подобра и полесна ресоцијализација на детето. Тоа е една од програмите, тоа не е нешто што не се случува и во другите држави.

Инаку во рамки на одбележувањето на 30 јули – Светскиот ден за  борба против трговијата со луѓе, Министерството за внатрешни работи, заедно со Министерството за труд и социјална политика и невладините организации, со поддршка на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), ги реактивираа мобилните тимови за идентификација на жртвите и потенцијалните жртви на трговија со луѓе.

Целта на мобилните тимови е да бидат институционално стабилни, постојани и функционални на терен, со што ќе придонесат кон подобрување на идентификацијата на ранливите категории граѓани, преку проактивно дејствување на терен, обезбедување помош и поддршка и споделување информации со наделжните органи за водење проактивни истраги, со што ќе се зајакнат националните капацитети и ќе се зголеми ефикасноста на службите.

Според Маркудов, мобилните тимови се покажале како добра идеја и се очекува оваа година да дадат поголеми резултати затоа што е направен подобар избор на нивни членови. Предимството е што имаат директен контакт со ранливите категории лица од кои најчесто доаѓаат жртвите кои се идентификуваат.

Пет мобилни тимови во Битола, Гевгелија, Куманово, Скопје и Тетово се формирани во јануари 2018 година и се еден од успешно реализираните приоритетни активности предвидени во тогашниот реформски владин план 3-6-9 со поддршка на ИОМ.

Во периодот март 2018 – декември 2019 година, мобилните тимови првично контактирале, информирале и асистирале на 797 лица и тоа 719 државјани на Северна Македонија и 78 странски државјани, од кои биле детектирани 14 жртви на трговија со луѓе. Сите тие биле од женски пол, од кои 10 деца и четири возрасни, како и 190 потенцијални жртви на трговија со луѓе и 593 ранливи категории лица , од кои 318 мажи и 275 жени.

ИОМ: Трудовата експлоатација доминантна кај возрасните мажи, жените жртви на трудова и сексуална експлоатација

Соња Божиновска Петрушевска, раковдител на канцеларијата на ИОМ во Скопје укажа дека податоците на Организацијата од поширокиот регион укажуваат дека трудовата експолоатација била предоминантна кај возрасните мажи, а жените биле жртви и на трудова и сексуална експлоатација.

Момчињата биле главно експлоатирани за работни цели, а во помал обем за питачење и сексуална експлоатација. Спротивно на ова, девојчињата главно биле жртви на сексуална експлоатација, а во помал обем за принудна работа и питачење.

ИОМ од средината на 90-те години на минатиот век на глобално ниво, со своите партнери, има обезбедно асистенција на околу 100 илјади мажи, жени и деца тргувани со цел сексуална и трудова екплоатација, ропство, сервилност или отстранување на органи. Секоја година на глобално ниво ИОМ обезбедува асистенција на околу осум илјади жртви на трговија со луѓе.

На глобално ниво, социо-економските последици од пандемијата ја зголемиле ранливоста во однос на трговијата со луѓе. Децата станале уште поранливи како последица на пандемијата, а девојчињата изложени на уште поголем ризик од рани бракови, бременост и насилство.

Светските податоци, истакнува Божиновска Петрушевска, покажуваат дека од почетокот на пандемијата, насилството врз жените е во пораст во многу земји во светот. Глобалните извештаи укажуваат и на зголемениот ризик за регрутирање на жртвите преку интернет.

Инаку, Република Северна Македонија се придружи на кампањата на Обединетите нации наречена „Сино срце“ и е втора земја во регионот која ја поддржува оваа кампања. Во фокусот на кампањата се жртвите на трговија со луѓе и важноста да се слушнат и да се учи од жртвите на трговија со луѓе.

Камапњата ги прикажува жртвите ако клучни актери во борбата против трговијата со луѓе и улогата што ја имаат во воспоставување на ефективни мерки за спречување, идентификување, поддршка и нивниот пат кон рехабилитација.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *