Пожарите не стивнуваат. Во нивното локализирање и гасење се ангажирани сите расположливи капацитети – на локалните самоуправи, Центарот за управување со кризи (ЦУК), војската, полицијата и граѓаните. Помош пристигна и од соседството, Србија и Бугарија, а денеска се очекува и засилувањето од Словенија – 16 противпожарни возила и 46 пожарникари.
Според последните податоци што ги соопшти вчера директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во земјава се активни 10 пожари, а најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод, како и во регионот на Пехчево и Делчево.
Поради алармантноста на ситуацијата, Управувачкиот комитет го прифати предлогот на Групата за процена и и предложи на Владата да донесе одлука за постоење кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена. Владата утрово во 08.30 часот ќе одржи седница на која ќе го разгледа ваквиот предлог.
– Состојбата се менува од час во час. Однапред не можеме да предвидиме како ќе се однесуваат пожарите зашто исклучително сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесуваат за нивно брзо ширење и менување на правците, рече Ангелов во изјава за МИА.
Ангелов најави помош од Словенија и во летала, а тоа е побарано и од Грција, за што, како што информира, се очекува позитивен одговор.
За гасење на големиот шумски пожар во Пехчевско со кој беа зафатени селата Мачево, Робово и Умлена, првично беа испратени пет хеликоптери, два македонски и три српски, но веднаш по нивното пристигнување беа повлечени поради исклучително високите температури. Натчовечките напори на жителите, пожарникарите и сите инволвирани го спасија од опожарување манастирот „Св.Петка”.
Ангелов најави дека во реонот на општина Пехчево денеска ќе се интервенира со пет хеликоптери, уште рано наутро, се додека тоа го дозволува температурата на воздухот.
Синоќа пристигна помошта од Бугарија – пет противпожарни возила кои се вклучија во гасењето на пожарот кај маалото Пасјак во селото Нов Истевник.
Вечерта активни беа два пожари во реонот на Прилеп, еден кај Челопек во Старо Нагоричане, а активни жаришта имаше и кај Липац, Кумановско.
Владата вчера одлучи да им додели по 10.000 денари парична награда на вкупно 300 лица (пожарникари и останати граѓани) кои помогнаа во гасењето на шумските пожари. Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. На седница што се одржа вчера, Владата го задолжи Генералниот секретаријат, во консултации и соработка со ДЗС и ЦУК, да обезбеди сместување и храна за лицата кои како странска помош доаѓаат да помогнат околу пожарите. Заклучено е и да се обезбедат податоци за прифаќање техничка помош и помош во работна сила, понудена од Швајцарија, за обновување на објектите кои претрпеле штети од пожарите.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на седницата потенцира дека во акциите за гасење на пожарите безбедноста на граѓаните останува приоритет. Тоа го напомена и директорот на ЦУК, Ангелов.
И додека надлежните се обидуваат да се справат со ситуацијата, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за неспособност.
– Ова што се случува е срамно. Ова што се случува е покажување на целосна неподготвеност на државата да одговори соодветно пред она што се вели елементарна непогода. Стојанче Ангелов треба добро да знае дека канцелариски мебел и мобилни телефони не е тоа што го гане пожарот, туку канадерите кои две гофини не се сервисирани, а Владата купувала и плаќала гориво за нив, пожари не гаснат мобилни течефони, не гасне канцелариски мебел ниту пожари се гаснат од владина седница. Пожари се гаснат тука на терен, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски кој синоќа беше во Пехчевско.