Заев: Ја поддржуваме Резолуцијата, но уставното име на државата мора да се почитува

СДСМ ја поддржува Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и целосно стои зад заштитата на македонскиот јазик и идентитет, но Уставот во однос на името на државата мора да се почитува, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Заев напомена дека во документот, секаде каде што се наведува името на државата, треба да стои Република Северна Македонија.

-Ако некој сака да го избегне уставното име, нека го прави тоа сам, ние тука нема да партиципираме. Нема да го кршиме Уставот. Уставното име на државата е Република Северна Македонија. Ја поддржуваме Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе застанеме зад неа, на сите да им биде јасно дека сме сите заедно застанати во заштита на македонскиот јазик и идентитет, но тоа не значи дека треба да го кршиме Уставот, напомена Заев.

Први што треба да го почитуваат Уставот, дополни, се токму Парламентот, Владата, институциите и политичките партии.

-Во Резолуцијата на неколку места се спомнува Република Македонија, а во Уставот е Република Северна Македонија. И во Преамбулата, треба да стои Република Северна Македонија. Тоа е Устав, а не дали ние сакаме или не сакаме да биде вградено, рече премиерот.

На новинарско прашање дали е спорно тоа што опозицијата ги поднесува законите до Собранието на Република С. Македонија, Заев е дециден дека и тоа не е уставно.

-Во нашиот Устав не пишува дека ние сме Република С. Макдонија. Ние сме Република Северна Македонија. Граѓаните за тоа прашање се изјаснија на рефенрдум и согласно Уставот, две третини. Парламентот во дискусија од 130 дена, три пати гласајќи, ја донесе одлуката за нашето ново уставно име. На името Република Македонија се додаде зборчето Северна и тоа е дел од Преспанската спогодба која е закон веќе, а е дел и од Уставот. Очекувам да се почитува Уставот од страна на сите, а политичките партии треба да бидат први. Непочитувачи ако се граѓаните сигурно ќе имаат реперкусии, а политичките партии не е во ред да останат неказнети и да сносат последици зашто така им текнало, им паднало на памет да не го употреуваат уставното име, одосно да не го почитуваат Уставот, подвлече Заев.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *