Виртуелен самит на Берлинскиот процес под претседателство на Германија

Поттикнување на земјите од Западниот Балкан да манифестираат дух на компромис со цел да се постигнат конкретни резултати во однос на спроведувањето на проектот за Заеднички регионален пазар, се очекува да биде главна тема на денешниот виртуелен самит на Берлинскиот процес, чиј домаќин е Германија.

Во пресрет на Самитот, иницијаторката на Берлинскиот процес, германската канцеларка Ангела Меркел порача дека е убедена оти иднината на Западниот Балкан лежи во вистинска обединета Европа.

Во видео порака, објавена во саботата, Меркел истака дека е среќна што овој виртуелен состанок ќе и овозможи да продолжи да работи со шефовите на држави или влади на земјите од Западниот Балкан во остварување на примарната цел на Берлинскиот процес за постигнување стабилност во регионот и воспоставување дијалог.

– Западниот Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Тој е дел од Европа, каде раните од војните се уште не се залечени, а голем број граѓани од тој регион живеат и во Германија. Јасно ми е дека земјите од ЕУ мора да имаат интерес за мирен развој на Западниот Балкан. Ние сме одговорни практично да се залагаме за развој во тој дел на Европа, нагласи Меркел, додавајќи дека Берлинскиот процес веќе постигнал одреден успех, при што како особено значајно го истака неодамнешното формирање на Форумот за млади во негови рамки.

Мерел истакна дека со формирањето на овој Форум се покажало оти она што долго време се сметаше за невозможно, конечно е можно, а тоа е размена на студенти од различни религии и етникуми. – Тоа е практичен придонес кон мирот, потенцира Меркел, додавајќи дека меѓусебното признавање на дипломите, соработката во науката и напредокот во инфраструктурните проекти, се чекори што водат кон зајакнување на врските меѓу граѓаните од регионот и надминување на предрасудите.

– Сето ова ги води земјите од Западниот Балкан кон заедничката цел за исполнување на условите за членство во ЕУ. Убедена сум дека, порано или подоцна, нивната иднина навистина ќе биде во обединета Европа, нагласи германската канцеларка.

Меркел посочи дека во регионот се уште има многу предизвици, дека недовербата и национализмите не исчезнале и дека билатералните спорови можат да се разгорат во секој момент, поради што е потребно помирување.

– Тоа значи надминување на минатото и правење се што е можно со цел идните генерации да живеат во мир, додаде Меркел во пораката.

Берлинскиот процес за Западниот Балкан, инициран од германската Влада на 28 август 2014 година, претставува форум за соработка меѓу земјите членки и институциите на ЕУ, шесте држави од западнобалканскиот регион и Велика Британија.

Овој неформален процес ги поддржува земјите од Западниот Балкан во воспоставување поблиски врски со Европската Унија и остварување на нивните напори за интеграција во ЕУ, во зголемување на регионалната соработка во областа на инфраструктурата, економијата, дигитализацијата, младинските прашања и науката, како и во поттикнување на дијалогот во регионот.

Целите на Процесот опфаќаат и поттикнување на „дополнителен реален напредок во реформскиот процес, во решавање на отворените билатерални и внатрешни прашања и во постигнувањето на помирувањето во и меѓу општествата во регионот“, како и во зајакнување на „регионалната економска соработка и поставување на темелите за одржлив раст“.

Берлинскиот процес претставува дополнителна институционалната алатка насочена кон забрзување на интеграција на земјите од регионот во ЕУ и нивно усогласување со законодавството на Унијата.

Процесот е замислен како инструмент за остварување на социјална, економска и политичка димензија, односно поврзување на луѓето, економиите и државите од регионот. За таа цел Процесот досега промовираше иницијативи и проекти во областа на транспортот и инфраструктурата, економската поврзаност и соработката меѓу младите, деловните субјекти и граѓанските општества од Западниот Балкан. За таа цел беа промовирани и Регионалната канцеларија за соработка на младите, Инвестицискиот форум на коморите од Западниот Балкан и Фондот за Западниот Балкан.

Покрај средбите на највисоките државни и владини претставници, во рамки на Берлинскиот процес се одржуваат и состаноци на претставници на граѓанските здруженија, младинските организации и бизнис заедниците од регионот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *