Сијарто: Бараме од Софија да дозволи почеток на преговори и паралелно решавање на прашањето со Скопје

Го почитуваме ставот на Софија дека прашањата кои тие сега ги наметнуваат се важни за нив. Нашето барање е да дадат доволно време да се најде решение за прашањето со Скопје и паралелно со тоа да започнеме преговори за зачленување во ЕУ. Овие две работи да течат паралелно, изјави м инистерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто во Штип.

Тој на новинарско прашање кои земји застанаа во одбрана на С Македонија вчера во Луксембург и дали навистина имало тензични рапсрави, потврди дека атмосферата била тензична, но оти не би сакал да потпалува поголеми огнови од она што е неопходно.

– Едно е сигурно дека навистина атмосферата била многу напната на состанокот на Советот вчера, бидејќи државите кои се залагаат за проширувањето, како Унгарија, почувствувавме доста голема фрустрација, затоа што секогаш ќе се појави некое плус прашање, некоја работа заради која не може да се започнат преговорите со Северна Македонија. Со години водевме преговори со Грција и кога тоа се случи, се заврши, кога помисливме дека е готово, тогаш се појавија Бугарите. Ние од нашите пријатели Бугари бараме како искрени пријатели со голема почит само една единствена работа – ние го почитуваме нивниот став дека прашањата кои тие сега ги наметнуваат се важни за нив. Нашето барање е да дадат доволно време да се најде решение и паралелно со тоа да започнеме преговори за зачленување во ЕУ. Овие две работи да течат паралелно, изјави Сијарто во Штип каде заедно со шефот на дипломатијата Бујар Османи учествуваа на македонско-унгарски бизнис форум.  

Сијарто потенцираше дека државите од централна Европа се многу приврзани на идејата за проширувањето на ЕУ. Како потврда за тоа најави дека министерот Османи наредната седмица оди во посета на Полска, каде заедно со претставниците на државите од Вишеградска група, вели, „ќе се обидеме да направиме притисок да се реши проблемот со Бугарија“.

Министерот Османи во Штип на новинарско прашање на што вчера бугарската Влада реферираше во соопштението, кога кажала дека има услови коишто не се исполнети, а треба да се исполнат, појасни дека во Софија во четвртокот се воспостави отворен дијалог меѓу двете страни којшто за жал беше многу оптоварен со внатрешна изборна динамика во Бугарија. На средбата размениле идеи како да се надминат прашањата коишто се покренати од страна на Република Бугарија, но сето тоа се уште е во фаза на идеи и на размена мислења.

– Затоа не можам да зборувам конкретно за секој од нив, но доколку има индикации дека тие идеи можат да бидат основ за решение ќе биде вклучена јавноста, опозицијата, и целото општество, бидејќи е многу важно и е во интерес на сите да го надминеме ова прашање, вели Османи.

Процесот понатаму, според него, ќе зависи од исходот на Самитот на лидери на ЕУ утре и задутре во Брисел дали блокадата за старт на преговорите ќе биде потврдена и од бугарскиот претседател Румен Радев.

– Се разбира дека доколку и на самиот самит одлуката остане негативна тоа значи дека ние почнуваме одново со разговори и со размена на идеи за следниот семестар. Тука е добра околност што Словенија е претседавач, која е голем познавач на регионот, голем поддржувач на регионот, но има и негативни околности. Ќе има изборни динамики во двете држави кон крајот на есента, тоа сигурно нема да влијае позитивно, но пак се надеваме дека ќе има бугарска Влада со која ќе може да разговараме за сите прашања, рече Османи.

Прашан оти се зборува за отстапки, за надвор од она што го знае јавноста, Османи со дециден одговор дека не станува збор  за отстапки, туку за размена на идеи коишто во основа го имаат португалскиот предлог со цел да се надминат разликите, но како што рече, во рамки на линиите што ги имаме како држава.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *