Заев: Горд сум на нашата Армија за високите перформанси кои ги демонстрира како еднаква со нашите НАТО-сојузници

Како дел од најголемата НАТО-вежба оваа година на тлото на Европа, благодарение на еден отворен пристап со кој се реализира Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија денеска Северна Македонија е полноправна членка на НАТО.  За реализација на оваа стратешка цел за нашата држава беа потребни храбри одлуки и одважност. Денес со задоволство може да констатираме дека токму на армискиот полигон Криволак како еден од најдобрите полигони во овој дел од светот се организира вежба во која учествуваа нашите армии заедно со армиите на нашите сојузници и пријатели од САД, Грција и Бугарија. 

Ова го истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на Денот на високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“ на  полигонот Криволак на кој се презентираат офанзивни операции и активности на пешадиските и специјалните единици од армиите на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија, со поддршка од хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ и воздухоплови Ф16 од вооружените сили на Грција.

-Горд сум на нашата Армија, на нашите офицери и војници на нивната желба за усовршување и унапредување. Тие ги исполнуваат сите обврски и очекувања на достоинствен начин и на највисоко ниво рамо до рамо со нашите сојузници не само дома, туку и со учество во меѓународните мисии со кои се гарантира мирот во светот.   Со членството во НАТО не сме повеќе сами. С Македонија никогаш  повеќе нема да биде ставена ниту ставена под прашалник ниту изолирана од светот. Како дел од моќното НАТО-семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот нашата држава стана фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност, рече Заев.  

Членството на С Македонија во НАТО, нагласи тој, ја редефинираше нашата улога на меѓународната безбедносна арена и ги зацементиравме основите за зголемена стабилност и просперитет на нашата држава.  

-Во овие исклучително сложени времиња на светско ниво ја обезбедивме иднината на нашата држава. С Македонија како 30-та членка на НАТО секогаш има подадена рака од партнерите не само во сегментот на безбедност и стабилност туку и во периодот на закрепнување. Се отвори простор за повеќе странски инвестиции, за конкурентни пазари за домашните претпријатија, како и за нови работни места и повисоки плати.   Денешното учество на претставниците на нашата Армија заедно со нашите партнери од НАТО е резултат на високите достигнувања на техничката и воената подготвеност на нашите офицери и војници, но и на политичката визија со која се имплементираа највисоките демократски вредности. Горд сум на нашата Армија за високите перформанси кои денес ги демонстрираа како еднаква со нашите НАТО-сојузници, а продолжуваат и залагањата за модернизирање на полигонот Криволак како еден од нашите ресурси, рече премиерот Заев.

Тој упати честитки на сите кои учествуваат во реализацијата на оваа мултинационална вежба, на сите припадници на армиите на С Македонија, на САД, на Бугарија и Грција и на министерката за одбрана од Црна Гора која што е денеска овде со нас, вели, во поддршка на сите овие наши активности затоа што токму овие активности кои го зајакнуваат нашето партнерство се доказ дека заедно сме посилни и дека заедно можеме повеќе.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека тука сме да покажеме единство, сојузништво, подготвеност и соработка каква што може да се најде само во најмоќната и најголема воено-политичка Алијанса која светот ја познава.

-Тука сме да покажеме дека моќта на НАТО е во неговото заедништво. Вежбата „Одлучен удар“ покажува дека членството во НАТО навистина не е само формално достигнување кое ќе го запишеме на хартија и ќе кажеме дека е остварување на нашата стратешка цел. Членството во НАТО е секојдневна практична работа, заедничко вежбање и војување, работа на терен која ја легитимира и Армијата на Република Северна Македонија како рамноправна, усогласена и еднаква со сојузничките армии.  Со вежбата „Одлучен удар 21“, како и со вежбата „Троен футпринт 21“ која неодамна заврши исто, тука на Криволак,  Северна Македонија се вклучи во реализација на најголемата НАТО-вежба годинава во Европа „Дифендер Јуроп 21“, изјави Шекеринска. 

Според неа, благодарение на долгогодишната континуирана поддршка на вооружените сили на САД, под чија команда заеднички се одвиваше оваа вежба, но и во соработка со сите наши НАТО-сојузници, сите мисии коишто со нив заедно операции и вежби ги извршувавме, нашите единици ја зајакнаа својата способност и навистина покажаа интероперабилност неопходна за еден сојуз.  

– Северна Македонија веќе не е партнерот или еден од партнерите на НАТО кој се обидува својата Армија да ја доближи до сојузничките армии. Денеска сме сојузник во Алијансата со Армија која е рамноправна, сојузничка и која ја гарантира безбедноста и сигурноста на сите свои граѓани, но и заедно со другите армии на сите граѓани коишто се дел од Алијансата.   Во изминатите 14 дена пешадиските и специјалните единици на армиите на С.Македонија, САД, Грција и Бугарија покажаа дека дејствуваат како едно, дека тие се моќта на НАТО, дека македонскиот војник во акција може да го довери својот живот на американскиот, на бугарскиот и грчкиот или, пак, да го брани животот на секој свој сојузнички колега додека се одвива акцијата, рече Шекеринска. 

 Таа изрази надеж дека онака како што работеа нашите војници и офицери, нашите сојузнички армии така во следните недели заеднички ќе работат и нашите избрани претставници и политичари и ќе донесат одлуки коишто ќе бидат инвестиција и политичка, а не само воена во нашата заедничка безбедност и иднина. 

Генерал-мајор Павле Арсоски, командант на Командата за операции на Армијата на СМакедонија, истакна дека во хиерархијата на големите вежбовни активности вежбата „Дефендер Јуроп“ кои се спроведуваат секоја година на европскиот континент под покровителство на Армијата на САД за Европа и Африка, и во кои учествуваат армии на државите членки и  на Патнеррството за мир, вежбата „Одлучен удар 21“ е нивен интегрален дел и воедно претствува најголема национална вежба организирана во РС Македонија по нашето полноправно члленство во НАТО Алијансата.

-Да се биде повторно дел од Дефендер Јуроп кој оваа година вклучува 27 армии со 28.000 војници и при што 16 држави од Југоисточна Европа се земји домаќини меѓу кои и РС Македонија е голема чест, одговорност и доверба.  Целокупнот персонал на Командата за операции со поддршка на ГШ и МО и во тесна соработка со планерите на армиите од САД, Бугарија и Грција во изминатите 16 месеци успешно минаа низ целокупниот процес на планирање соочувајќчи се дополнителсно и со предвизиците од пандемијата на коронавирусот, рече генерал-мајор Арсоски .

На денот за високи гости присуствуваат претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Tалат Џафери, министрите  Оливер Спасовски, Венко Филипче и Фатмир Бесими, министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорите на САД, Кејт Мери Брнз, на Грција,  Русос Кондурас и на Албанија Фатос Река, претставници од собраниската комисија за одбрана и безбедност. Настанот го следат и високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на САД, Бугарија, Грција и НАТО, командантот на SEEBRIG, генерал-мајор Аристидис Илиополос , командантот на бугарските специјални сили генерал-мајор Јавор Матеев како и одбранбени аташеи акредитирани во земјава.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *