Амбасадорот на Косово во Северна Македонија меѓу 12-те разрешени „политички именувани“ амбасадори

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на барање на Министерството за надворешни работи и дијаспора, го потпиша указот за повлекување на амбасадорот на таа земја во Република Северна Македонија, Ѓерѓ Дедај и на 11 други дипломатски претставници за кои е заклучено дека биле „политички именувани“ од претходните власти,  јави дописникот на МИА од Приштина.

Шефицата на косовската дипломатија, Доника Грвала-Шварц на денешната прес-конференција изјави дека разрешувањето на 12-те амбасадори претставува само еден чекор во правец на реформите кои претстојат во дипломатската служба.

– Ослободувањето од должноста и повлекувањето на политички именуваните амбасадори е извршено во духот на усвоената владина програма, со која се предвидува реформирање на дипломатската служба. Во наредните недели ќе бидат избрани новите амбасадори и ќе продолжи реформата, која е задоцнета, но се изготвува сериозно, изјави министерката Грвала-Шварц, заблагодарувајќи им се на повлечените дипломати за досегашната служба.

Покрај Дедај, разрешени се и косовските амбасадори во Германија, Албанија, Чешка, Холандија, Унгарија, Хрватска, Словенија, Австралија, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати и Катар.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *