Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Ѓурчиновски учествува на редовното заседание на Воениот комитет на НАТО

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во официјална посета на Брисел, денеска учествува на редовното заседание на Воениот комитет (ВК) на НАТО, во формат на началници на Генералштабови, кое се одржува во седиштето на НАТО.

На состанокот под раководство на претседавачот на ВК, воздухопловниот маршал, Сер Стјуарт Пич, по обраќањето на генералниот секретар Јенс Столтенберг, началниците на Генералштабови на Армиите на 30-те земји членки, согласно агендата дискутирале за военото планирање и адаптацијата во контекст на иницијативата НАТО 2030, тековните операции, мисии и активности кои ги спроведува Алијансата.

Како што соопштија од Генералштабот, за време на престојот во Брисел, генералот Ѓурчиновски во текот на утрешниот ден ќе учествува на состанокот на Воениот комитет на Европската унија на ниво на началници на Генералштабови, каде под раководство на претседавачот на ВК на ЕУ, генерал Клаудио Грацијано ќе се разговара за воените и цивилни мисии и операции на Европската унија како дел од нејзината заедничка политика за безбедност и одбрана.

– Состаноците на највисоките воени советодавни тела на НАТО и на ЕУ, покрај планираните агенди се одлична можност за меѓусебни средби на првите луѓе на армиите, кои покрај размена на мислења ги зајакнуваат меѓусебните односи преку иницирање на билатерални активности, се наведува во соопштението.

Република Северна Македонија активно учествува и придонесува во мировните операции на НАТО „Одлучна поддршка“ во Авганистан и „КФОР“ во Косово, како и во мисиите на ЕУ „Алтеа“ во Босна и Херцеговина и „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *