Средба на претседателот Пендаровски со претседателите Пахор и Милановиќ

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во рамки на учеството на самитот на Брдо-Бриони Процесот, во Брдо кај Крањ, оствари одделни средби со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор и со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата со Пахор, Пендаровски истакнал дека земјава силно ги вреднува одлучноста и поддршката од Словенија кон политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, како и најавата дека тоа ќе биде меѓу врвните приоритети во агендата на претседавањето на Република Словенија со Советот на Европската Унија во втората половина на 2021 година.

Претседателот Пендаровски посочил дека Северна Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција за почеток на преговарачкиот процес. Северна Македонија, нагласил Пендаровски, останува посветена на исполнување на надворешно-политичката цел, односно полноправно членство во ЕУ, што ќе овозможи забрзано спроведување на реформите во земјата.

Двајцата претседатели разговарале и за состојбата со пандемијата на вирусот КОВИД-19, како и за справувањето со последиците од неа.

На средбата, пак, со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, Пендаровски се заблагодарил за силната и континуирана поддршка за европските аспирации, потврдена за време на шестмесечното хрватско претседателство со Советот на Европската Унија, кога беше донесена и одлуката за отворање на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Интеграцијата на Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан во ЕУ, како што било истакнато на средбата, ќе придонесе кон трајна стабилизација на регионот, како и негов просперитет.

Двајцата соговорници размениле информации за актуелните состојби во двете држави, во контекст на справувањето со пандемијата на КОВИД-19, како и за предизвиците во справувањето со последиците на здравствен, економски и на социјален план.

На средбата била договорена скорешна посета на претседателот Пендаровски на Република Хрватска и продолжување на дијалогот меѓу двете земји на највисоко ниво.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *