Шекеринска ја најави меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“

Од понеделник (17 мај) до втори јуни на армискиот полигон Криволак ќе се одржи меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“ во која ќе бидат вклучени над илјада припадници армиите на Репубика Северна Македонија, на САД, на Грција и на Бугарија.

-Денеска може да видите дека нашата амбициозна цел да го модернизираме и унапредуваме Криволак била и оправдана и реална. Веќе денеска можете да видите дека полигонот навистина прераснува не само во национален и регионален, туку и вистински НАТО капацитет, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска која денеска беше на Криволак.

Периодов на европскиот континент се спроведува огромна вежба со над 20 илјади припадници на сојузничките сили, денеска на Криволак  завршува една вежба од таа серија, а во понеделник веќе почнува нова вежба, „Одлучен удар 21”.

Шекеринска нагласи дека и двете вежби, особено втората, кадешто повеќе од илјада припадници ќе бидат присутни на Криволак и ќе работат на зголемување на интероперабилноста и на нивните капацитети, се доказ дека и покрај пандемијата, Алијансата покажува и резултати и волја да соработува и да развива  интероперабилност.

Таа им посака добредојде на припадниците на Армијата на РСМ, САД, но и на Грција и Бугарија. Притоа соопшти дека вежбата која ќе трае од 17 мај до втори јуни, е специфична по многу работи.

-Таа ја испраќа главната цел. А тоа е дека заедно сме посилни и дека заедно можеме навистина повеќе. За оваа вежба да се спроведува во ваков обем, со ваква големина, со вакви карактеристики, помогнаа претходно инжењериските сили на Армијата на САД и на Република Северна Македонија, рече Шекеринска.

Директорот  на вежбата, полковник Блаже Николовски рече дека вежбата е извонредна можност за јакнење на интероперабилноста на македонската армија со останатите земји учеснички во неа и сојузници од НАТО алијансата. Зголемување на борбената готовност и потврда на напорите за трансформација на Армијата.

Одбранбено аташе на САД во РСМ, полковник Питер Ровел рече дека вежбата е дел од пошироката вежба која има за цел зголемување на стратешката подготвеност.

-Вежбата е силен пример како Северна Македонија е подготвена да работи заедно со САД и другите НАТО сојузници и нивните војски. Благодарност до министерката за посветеноста и лидерство во развивањето на Криволак во еден светски полигон, додаде Ровел.

Професор доктор Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делчев” Штип, информираше дека ќе се следат параметрите за квалитет на воздух на полигонот, а резултатите ќе бидат достапни за јавноста. Се со цел, заштита на животната средина.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *