Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздник, положија свежо цвеќе по повод одбележување на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот. На одбележувањето присуствуваа и амбасадори и членови на дипломатски претставништва во земјава.
-Во чест и сеќавање на 9 мај 1945 година и Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна го славиме вечниот спомен на борците-херои од антихитлеровата коалиција кои го победија нацизмот и ги ослободија европските народи. Вечна им слава!, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Како што се наведува во соопштението од Општина Центар, на денешната свечена церемонија, која се одржа пред спомен-обележјето на улицата „9 Мај“ во оваа општина, во чест на 76-годишнината од Големата победа и завршувањето на Втората светска војна, присуствуваа и амбасадорите на Кина, Џанг Ѕуо, на Германија Анке Холштајн, на БиХ Драган Јаќимовиќ, претставник од српската амбасада, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, делегации од Град Скопје и Советот на Општина Центар, почесни конзули на Руската Федерација во Охрид и Битола, Сергеј Самсоненко и Велимир Стојковски, како и претставници од Македонско-руската стопанска комора, компанијата Лукоил и Рускиот Центар при УКИМ во Република Северна Македонија.
-Ја наведнуваме главата пред сеќавањето на паднатите и заминатите. Голем поклон и бескрајна благодарност до живите херои! “, изјави амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин.
Спомен-обележјето на улицата „9 Мај“ во Општина Центар е донација од Амбасадата на Руската Федерација во Република Северна Македонија, кое минатата година е подигнато во сеќавање на милионите војници кои ги положија своите животи во име на мирот и слободата. Подигнувањето на спомен-обележјето, по повод 75-годишнината од Големата победа е дел од заедничките заложби на двете земји, за продолжување на пријателството и унапредување на партнерските односи помеѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од Општината.