Марш низ Охрид по повод Светскиот ден на ретките заболувања

Со марш низ улиците на градот закажан за утре Охрид ќе се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на ретките болести.

Маршот на кој е најавено учество на ученици од основните и средните училишта во Охрид и членови на Сојузот на училишен спорт, претставници од Локалната самоуправа, како и на институции поддржувачи на кампањата, ќе почне точно на пладне од пред Охридската гимназија.

Учесниците ќе се движат по улицата „Јане Сандански“ кон хотел „Ројал“, па преку Кејот „Македонија“ ќе се упатат кон Градскиот плоштад каде ќе се дели едукативно-информативен материјал за ретките болести.

Во рамки на кампањата ќе биде промовирана и химната со спот посветена на Децата со ретки болести, изработена на текст на Сашо Митаноски, музиката е на Јовица Карајлиевски, додека аранжманот на Јовица Каралиевски и Димче Китрозоски.

Химната е во изведба на најдобрите вокали – учесници на талент-шоуто „Охрид СУПЕРСТАР“. Видео-спотот за химната на Децата за ретки болести го изработи студиото „Мегастар“ од Охрид.

Денот на ретките болести се одбележува во рамки на меѓународната кампања за подигнување на свеста за постоењето на ретките болести.

Од почетокот на неговото одбележување во 2008 година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана вистински глобален феномен, со учество од 94 земји од целиот свет во 2017 година.

Денот на ретките болести оваа година се одржува под мотото „Истражување“, како глобален повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *