Излезе од печат делото „Македонците во светот“ од Славе Катин

Во издание на книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје и Фондацијата „Џорџ Атанасоски“ од Прилеп излезе од печат публикацијата „Македонците во светот“ од Славе Катин. Книгата претставува значајна и своeвидна документација за одбрана на националното, духовното и културното битие на Македонецот во светот.

Делото „Македонците во светот“ од Славе Катин е обид да се осветли иселеничката одисеја на Македонците во САД, Канада, Европската Унија и Австралија и да се остави неизбришлива трага за нивното постоење и активности во државите во кои несебично ги вградиле своите човечки и интелектуални способности за развојот на македонската вистина во тие демократски општества.

Публикацијата е отпечатена на 520 страници, на македонски јазик, а рецензенти се: Д-р Лефтер Манче од Канада, Џорџ Атанасоски од САД, Гојко Јаковлески од Германија и Душан Ристевски од Австралија Во оваа публикација, авторот Славе Катин открива еден навидум познат, а, всушност, недоволно осознаен феномен на Македонците во дијаспората: способноста за нивното брзо адаптирање и интегрирање во новата средина; изостреното чувство за прифаќање на новите општествени норми и стандарди и успешното вклучување во новите економски, социјални културни и други процеси.

Трудот„Македонците во светот“ го опфаќа периодот од доаѓањето на доселениците во новите средини од пред стотина години до денес. Таа го одбележува најважниот период на активностите на македонските доселеници во новите средини, а со тоа ја отсликува македонската вистина.

SHARE