За семејството Стамевци

 

Во ова продолжение ќе  претставимедел од приказната за живот и судбина на таткото на Светле Стамевски, печалбарот газда Тврдомир (денес покоен), што ја слушнав и снимав при мојата пријателска  средба на семејството Стамевски во Детроит

При мојата пријателска  средба на семејството Стамевски во Детроит, меѓу другото, разговарав и  за  нивните семејните односи. Притоа, во пријатна атмосфера газда Тврдомир  ми ја раскажа семејната приказна и ми го рече следното:

“Ние, некаде се’ до I960 година како големо семејство, бевме заедно во старата куќа. Стара, дотраја и по доста години се урна. Татко ми кога се врати од Америка, рече дека не може така повеќе, не се живее во толкава заедница и време беше да се поделиме. Бевме под ист покрив, во иста куќа но, веќе делени. Имавме земја, но, таа делена на шест дела, од која земја можеш да живееш. Затоа и се вработив во Југохром.

Во 1964 година направивме нова куќа. За мерак. Направивме и нова штала, со сите тертипи. Во новиот дом се преселивме ние тројцата браќа, а двајцата останаа во старата. Тогаш уште беше добра за живеење. Во новата убава куќа останавме се’ до 1971 година, кога извадив документи и заминавме за Америка.

При доаѓањето мое во Одри, имав најразлични доживувања. Се сеќавам, на пример, дека кога се вратив во 1988 година, не можев да влезам дома. Мајката, си велам, овде нешто не ми мириса на арно. Тогаш најдов едно младо момче, началник беше и му велам, дека четири години не сум бил тука, и оти сакам да си ја правам куќата. Сам ќе ја правам. Каде да се обратам, го прашав. Ми вели во СИЗ-от. Таму некои си чиновничиња, се вадеа дека немало распоред и слични глупости, па затоа отидов право во општината кај Душко. Ептен, ачик човек беше Душко, кој сакаше секому да му помогне, да му излезе во пресрет. И нас ни помогна, нема што.

Често пати и со моите пријатели во Америка a и со моите соселани од Одри и Тетово, се присетувавме дека како времињата минувале а властите се менувале а живеачката била различна, сепак, секогаш фамилијата Стамевски, била една од највидните. Била еснаф, домаќинска, многу зафатена, богата и како ќе дошол татко му на Тврдомир од американскиот гурбет, така се враќал со грст спечалени пари в пазуви, и со нив купувал нивје, земја, купувал имот.

Тој поминал низ доста голготи, слугувал за туѓи интереси на три тешки и туѓи војни и фронтови. Па притисоците и заканите по секоја цена да влезе во колективите, да му се одземе и да се конфискува и тоа со пиштол во слепоочниците се’ што печалел во туѓина, и што не, долга е тоа сторија.

Навистина, поминал живот во работа и само работа. Меѓутоа, секогаш била непрестајна и сил-на грижата за толкуте свои деца, жена и родители и роднини и никогаш не се пожалил, никогаш не покажал слабост, туку напротив. Бил, и засекогаш останува запаметен, за фамилијата, и за сите кои работеле со него или, пак, го познавале, како вистински гранитен пример на цврстина и борба, ама борба ако треба и до последниот здив, без разлика за што и да била таа“. 

1317Старата куќа на Стамевци во Одри

Тврдомир, така свежо и речиси во детали зборуваше небаре било вчера. Како семејство живееле во слога и разбирање, имале одлична хармонија, а работата се знае дека секогаш ја имале на село. Но, таа не им паѓала тешко. Па, тие колку пати, со песна низ поле или планина врвеле, а смеата и шегата им била дел од секојдневието.

Некаде по ослободувањето во 1948 година, имало прв официјален државен попис во слободната земја. Сами, вели Тврдомир, си кажувавме, никој не не притискаше или уценуваше што ќе речевме и запишевме. Тогаш и ги избришавме тие додавки на „иќ” во презимињата. Само брат ми Владо остана Стамевиќ и го пукнавме од смеа и дофрлувања дека сега е најголемиот Македонец меѓу нас. По некое време и тој го смени тоа и си се врати во своето „јато” на кое му припаѓа.

Ех, колку значи домашното воспитување. Она на родителите, на фамилијата. Тоа е пресудно, за сите потези и зафати кои натаму ќе ги преземете во животот. Нашите родители ни ја всадиле огромната роднокрајна припадност, сета таа љубов од човек за човека. За тоа колку е важен образот и чесгитосга, нагласува Тврдомир и додава:

„Војник тргнав во 1949 година. Онака здраво момче решено да ја брани својата земја. Служев цели три години. Во војската ме викаа Македонче и така сите ме знаеја. И токму бев во армијата кога моите дома во Одри ја преживувале таа висгинска драма со колективизацијата. Кога веќе се вратив откако го отслужив воениот рок, колективот како неуспешна епизода на новата Југосла-вија, се расформира. Тој никогаш и не заживеа“.

Но, уште пред аскер да замине, Тврдомир сторил ниет да се жени. Млад, убав, пукал од здравје, тој решил дека доста му е беќарлак и време е веќе да бара невеста. Во 1947 година со музики, со тапани, со сватови и свадби, Тврдомир зет станува и ја зема неговата сакана Стојна, која нагалено Цена си ја викал. Тврдомир немал ни осумнаесет години но, Цена око му фатила.

1318Дел од куќата на Светле во Детроит

„Спомените за Лешок ме врзуваат, вели Тврдомир.Тогаш во секое село имаше музика. Игравме мајка ми и целата фамилија, на собирот кој таму се одржа. По некое време еве ја мајка ми и ми рече:Синко сум ти нашла девојче за на оро. Знаеме чие е, му ги знаеме мајката и таткото, па ти оди, види го. Јас веднаш појдов и веднаш се фатив на оро до неа. Онака културно, со усул, што се вели, ја прашувам од каде е, и така скршивме по некој муабет. Второто видување беше на една свадба. Пак оро играме, кога тука некаде се вртеше нејзината мајка, за да дознае кој сум и каков сум.

Третата средба се случи во Раотинце на слава на ден Илинден, кога е светиот празник во селото, а од таму е и мајка и’. Само што ме видоа татко и мајка и, веднаш почнаа да се вртат околу мене. Двајцата се интересираа. До есента уште еднаш се видовме токму за света Богородица. И доволно беше. По една недела со Цена моја се зедовме.

Ние бевме популарна фамилија. Богата. Имавме се. Имот многу. Тоа се ценеше и беше голема предност. Се оженив многу млад и само по една година ми се роди ќерката Лепа, која е мажена за Јованчета од Русиново, Беровско.

Малку, да се вратам наназад ида споменам дека мојата сопруга Цена е родена на трети март 1928 година во селото Жилче. Нејзиниот татко се викаше Стојче а мајката Донка од с. Раотинце. Дедото на Цена се викал Спиро, и многу ја мазел својата мила внука.А Цена била првороденото дете на Стојче и на Донка Андовски. Второто умрело. Третото Драго и тој умрел. Се раѓа сесгра и’ Јелица мажена за Стево, кои живеат во Ѓорче Петров. Следна е Славка омажена за Киро Бугаринот a ce Иванови. Тие го имаа Ненад и голема свадба му направија.

Низ годините потоа, еве Бог ни даде со Цена, прекрасни деца. Сите си го најдоа својот пат во животот, а секогаш ја имаат нашата родителска грижа, помош и поддршка. Задоволни сме како тие денес се добри и успешни наши наследници.

Да продолжам со фамилијарното стебло: – Во 1948 година во месец октомври ни се роди Лепа. Таа прво заврши Учителска школа, а потоа отиде и на Вишата педагошка академија. Синот што ни погина и не зави во црно, беше бистар и заврши за електричар. Тој беше оженет со Менка од Беловишта. Имаат две ќерки Зорица и Павлина. Лепа ги има Јулијана и Славјанка. Јулијана е мажена за Даг кој е Американец, додека Славјанка за Палестинец, католик, учен човек.

За синот Светозар-Светле Стамевски, тоа е друга приказна и тој сам ја раскажува во оваа книга. Многу се трудев на децата да им ги пружам сите услови. Почнав со едно мало ресторантче а за девет години пара добра спечаливме. Направивме куќи, големи, купивме коли убави. Свадби и крштевки во фамилијата Стамевски што треба да се памтат. Купивме и фарма, а ресторанот го продадовме. Доста беше. Имаме имот, дуќани, шопинг-центри“.

 

Ова ми го раскажа Тврдомир Стамевски во една домашна, пријатна средба со чашка македонска ракија.Притоа ми рече дека му е многу драго што со внимание го слушам и го снимам се’ со цел да ја збогатиме монографијата на Светле (Стив) Стамевски.

Продолжува 

1slave Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *