Со дозите од „Фајзер“ и вакцините од Кина, имунизацијата ќе продолжи по возрасни групи

Околу 35 000 граѓани се вакцинирани до вчера во земјава. Од нив, околу 13 илјади ја примиле „Астра Зенека“, од која има уште 10 000 на располагање, нешто помалку од 3000 има од руската „Спутник“ и илјада од кинеските вакцини. Во СЦ „Борис Трајковски“ се вакцинираат граѓани на 73 и 74 години со поредуцирани термини од претходните денови зашто често доаѓаат со придружба.

Министерот Венко Филипче денеска изјави дека дози од вакцините се распределуваат низ пунтовите низ државата, а системот ќе се дополни и со вакцините на „Фајзер“, за кои и денеска било потврдено дека во понеделник со авион ќе стигнат во Софија, а попладнето со специјален транспорт ќе дојдат во Скопје. На крајот од месецов ќе стигнат и кинеските – сите во една пратка наеднаш, по што вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и досега односно по возрасни групи.

Како што вчера беше соопштено, на 19 и 26 април треба да стигнат по 10 000 вакцини „Фајзер“, а од Амбасадата на Кина беше потврдено дека околу 28 април ќе дојдат и  200 000  кинески вакцини.

Филипче денеска оцени дека имунизацијата се одвива добро и со иста динамика, но дека има поголема фреквенција на закажување во текот на оваа недела. Најави и подготвување на поголеми пунктови во шесте градови кои ќе бидат регионлани центри за имунизација.

-Планот е да се зголеми бројот на закажани термини во пунктовите во шесте градови – во спортски сали, улилишта или каде што ќе се одреди дека е најсоодветно, а тимот од Министерството кој ја организираше работата во СЦ „Борис Траковски“ викендов ќе оди да ги посети шесте градови кои ќе бидат регионални центри, изјави Филипче.

Неподвижните лица, рече, ќе бидат вакцинирани теренски, во нивните домови, согласно со пријавувањата и приоритетите.

На прашањето кога ќе се вакцинира тој и со која вакцина, министерот одговори дека нема преференции и дека сите се безбедни.

-Нека стигнат повеќе вакцини, ќе се вакцинирам и јас. Доколку видиме и процениме дека постои сомнеж, а во овој момент не гледам, освен она што постоеше за „Астра Зенека“ за која ние веќе зазедовме став, одговори Филипче.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *