Продолжува вакцинацијата во земјава, ЕМА оцени дека згрутчување на крвта е ретка нус појава од вакцината на „Астра Зенека“

Во услови кога во земјава прдоложува процесот на имунизација на повозрасните лица и вработените во Армијата и образованието, Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера потврди дека постои поврзаност помеѓу вакцината на „Астра Зенека“ и појавите на згрутчување на крвта, но нагласи дека оваа последица е многу ретка и бенефитите од вакцината и натаму се поголеми од ризиците.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Комитетот за фармаковигилентност на ЕМА заклучи дека е утврдено невообичаено згрутчување на крвта по вакцинирањето со „Астра Зенека“, но дека начинот на кој се случува оваа реакција не е јасен.

Сепак според, експертите од ЕМА мора да продолжи вакцинацијата со сите расположливи вакцини затоа што тие спречуваат тешка форма на болеста и хоспитализација.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера по посетата на Геронтолошкиот завод „13 Ноември” во Ѓорче Петров најави дека во однос на вакцинирањето на помладите граѓани со вакцината на „Астра Зенека“ ќе се почека официјалниот став на ЕМА.

Тој најави и дека сите граѓани, кои ја примија оваа вакцина во Србија, ќе можат да се ревакцинираат во земјава, по пристигнувањето на дополнителните количества преку Ковакс механизмот, што според најавите се очекува да се случи до крајот на овој месец.

Земјава минатата недела го прекина вакцинирањето на лица помлади од 60 години со вакцина „Астра Зенека“, следејќи го примерот на Германија и Канада, додека имунизацијата на граѓани над 77 години на пунктовите низ државата продолжи според планот и, како што тврдат надлежните, се одвива добро и без контраиндикации.

Веќе неколку дена трае теренската вакцинација на стари лица сместени во болницата за Геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Ѓорче Петров и домовите за сместување стари лица во Скопје и во Битола. Во двата дома „Сју Рајдер“ веќе е завршена вакцинацијата, а во тек е имунизацијата во домовите за стари лица во Битола и Скопје и во центарот за сместување на стари лица „Мајка Тереза“. Во следните денови ќе се вакцинираат и штитениците во домовите за стари лица во Куманово, Прилеп и Берово.

Во исто време во А1 Арената „Борис Трајковски“ продолжи вакцинацијата дел од припадниците на Армијата и наставниците од прво до трето одделение.

Филипче по повод вчерашниот Светски ден на здравјето порача дека вакцинацијата е единствениот начин да го победиме вирусот, која за жал, како што нагласи, не се одвива со посакуваното темпо никаде во светот.

– Правиме се за да ги зголемиме количините на вакцини во нашата земја. Моја најголема заложба и желба е вакцинацијата да ја завршиме што побрзо. Затоа, се што е во наша надлежност го направивме исклучително брзо и професионално, а подоготвка за вакцинација ја спроведовме навремено и ефикасно. Барам трпение, разбирање и почитување на мерките додека да се надмине овој период, порача Филипче.

Според вчерашната статиститка на Министерството за здравство, во деноноќието меѓу вторникот и средата од направени 4.438 тестирања регистрирани се 1.302 нови случаи на Ковид-19, како и 626 оздравени пациенти и 51 починати лица, меѓу кои 80 проценти на возраст над 60 години, додека најмладата жртва е 32-годишник од Куманово.

Со вчерашните бројки вкупната цифра на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 137.728, на оздравени 111.765, а на починати 4.072. Бројот на активни случаи вчера изнесуваше 21.891.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 29 март до 4 април регистрирани сe 7.933 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, што претставува зголемување од 6,9 отсто во однос на претходната седмица.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 21 до 35,2 отсто или во просек 29,3 отсто, со зголемување за 1,7 отсто во однос на претходната недела. Пријавени се 260 смртни случаи од 27 градови или за 27,5 отсто повеќе во однос на претходната недела.

Според вчерашните податоци, на инфективните оддели во земјава беа хоспитализирани 1740 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот и имаше околу 260 празни болнички кревети.

Во вакви услови, како што најави министерот Филипче, од денеска осум лекари од приватното здравство се вклучуваат во поддршка на колегите од јавно-здравствените установи.

– Клучно е да го зголемиме капацитетот и човечките ресурси во битката со овој силен бран, објави на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.

Во исто време, Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) покрена иницијатива до Уставниот суд за утврдување на уставноста на точка 408 од Правилникот за професионални заболувања, односно признавање на Ковид-19 како професионално заболување со цел секој работник да може да ги оствари своите права при евентуално заболување со вирусот.

Здружението бара од Уставниот суд да ја поништи постоечката одредба и да донесе нова со која секој работник кој работи на место каде има зголемен ризик од заразување со Ковид-19, да може да ги оствари своите уставно загарантираните права доколку се зарази со вирусот.

Податоците на Евростат покажуваат дека во текот на минатата година во Европската унија опаднал очекуваниот животен век на граѓаните. Според Еуростат, најголем пад има регистрирано во Шпанија, каде животот е пократок за 1,6 година во споредба со 2019 година. По неа е Бугарија со загуба од 1,5 година, а ја следат Литванија, Полска и Романија, каде е регистрано намалување на животниот век за 1,4 година. Данска и Финска се единствените земји од ЕУ што забележаа зголемување на очекуваното траење на животот, од само 0,1 година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *