Над 11 милиони луѓе или околу шест отсто од работниците во Европската унија работат во социјални претпријатија, покажуваат податоците на Европската комисија. Социјалната економија во ЕУ ја сочинуваат два милиона претпријатија, што претставува повеќе од 10 проценти од сите бизниси во ЕУ.
Социјалните претпријатија, според ЕК се важни бидејќи над 160 милиони луѓе во Европа се дел од социјалната економија и придонесуваат за вработеноста во ЕУ, социјалната кохезија, регионалниот и рурален развој, заштита на животната средина, заштита на потрошувачите, земјоделството и социјалната безбедност.
Според НЕССТ извештајот „Екосистемите на социјално претприемништво во Хрватска и Западен Балкан“ од 2017 година, социјалното претприемништво во Македонија се уште е во развој и секторот е составен од околу 40 до 70 социјални претпријатија, во најголем дел мали друштва со помалку од десет вработени и годишен приход под 100.000 евра, кои имаат проблем со одржливост и зависат од поддршката од грантови и донации.
Сферата на социјално претприемништво во Република Македонија нуди можност за вработување и реинтеграција на невработени лица кои се без работа во подолг временски период, како и вработување и реинтеграција на лица кои се помалку конкурентни на пазарот на труд. Според познавачите, за тоа е неопходно воспоставување на соодветна законска рамка, отворање на можности за финансирање и работење на промена на општествената култура и разбирањето на поимот социјално претприемништво.
ЕБОР и социјално претприемништво во Западен Балкан
Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) својата стратегија за економска инклузивност за периодот 2017-2021 година ја фокусира на еднакви економски можности, со централен фокус на жени, млади лица кои влегуваат на пазарот и маргинализирани групи од рурални и урбани региони.
ЕБОР нуди финансиска и менторска поддршка за економска инклузивност преку „Инструментот за развој на претпријатија и иновации во Западен Балкан“ и за таа цел од 16 до 19 јануари годинава организира техничка посета на Тајван во рамки на партнерството Тајван Бизнис-ЕБОР Фонд за техника соработка.
Според Алесандра Антолини, помошник директор на ЕБОР, обемот на техничката посета бил да се соберат на едно место повеќе засегнати страни во регионот за да ги споделат своите искуства за социјалното претприемништво во нивните земји, како и да видат од прва рака една успешна средина за социјално претприемништво.
– Посетата се покажа како многу корисна на две нивоа: од една страна, делегацијата имаше можност да види како комбинацијата на владината поддршка, посветеноста кон општествена одговорност на претприемачите и силниот претприемачки дух на населението го оформуваат тајванскиот успех во поттикнување социјално претприемништво. Од друга страна, таа создаде продуктивен дијалог меѓу делегатите за тешкотиите на социјалните претпријатија на локално ниво и за тоа како институциите како ЕБОР би можеле да пополнат одредени празнини што се присутни во регионот, главно поврзани со подигнување на свеста, градење на капацитетите и пристап до финансии, рече Антолини.
Националниот менаџер на програмата за поддршка на мали бизниси во Македонија при ЕБОР, Маја Антеска, вели дека размислуваат како да ја придвижат агендата од извештајот за мапирање за Западен Балкан и Хрватска, претставен во Белград во 2017 година.
– Разгледуваме целосен пристап што го комбинира подигнувањето на јавната свест, градењето капацитети и компоненти за финансирање во партнерство со постоечките актери за социјално претприемништво во регионот за да ги искористи постојните ресурси и да ги избегне повторување, изјави Антеска.
Од ЕБОР посочуваат дека во изминатите неколку години социјалните претпријатија стануваат се повеќе активни во локалните економии во Западен Балкан и во Хрватска и се покажале како ефикасен двигател за позитивни општествени промени и алатка за поголема инклузивни и живи економии бидејќи обично користат претприемачки и иновативни модели за да инкорпорираат социјални прашања во рамките на нивниот делокруг и да се справат со нив.
Социјално претприемништво во Македонија
Анализата на состојбите и предизвиците за развој на социјално претприемништво во Република Македонија на Фондацијата Фридрих Еберт Скопје од 2016 година, како бариери во развојот на социјалните претпријатија ги посочува недостатокотот на политика и законска рамка, немањето на разбирање и знаење за концептот на социјалното претприемништво помеѓу заинтересираните страни кои се директно вклучени во „движењето” и немањето пристап до финансии.
Република Македонија од 2014 година досега има неколку обиди за создавање законска рамка за социјално претприемништво, но неуспешно и се уште е во фаза на предлог закон.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска минатата година најави дека се подготвува предлог текст на Законот за социјално претприемништво по што ќе биде спроведена јавна дебата.
Претседателката на здружението за социјални иновации „АРНО“ Ирина Јаневска, еден од учесниците од Македонија на техничката посета на Тајван, веќе седум години го следи социјалното претприемништво во Македонија и смета дека намерите за регулација се добри, но со самото тоа што целата дискусија е ставена под МТСП објаснува дека државата го гледа ова како некаква рамка за помош на маргинализирани заеднци и луѓе.
– Според мене, ова не требаше да е така и требаше оваа дискусија да ја води Министерството за економија, со цел ние првенствено да зборуваме за претприемништво, кое пак понатаму ќе има додадена вредност и ќе биде поврзано со некаков аспект на мерење на социјален импакт, што секако ќе помогне во дефинирањето на социјалните претпријатија. Цел тој еко систем е голем, добро е што МТСП од друга стана не ги брза работитите, смета Јаневска.
Посочува дека не треба да се оди толку на приказната на спасување на социјалните случаи и на тешко вработливи, туку повеќе треба да се оди на приказната за претприемништво.
– Дефиниција дефинитивно ни треба. Од контекстот тука интересно е што ние веднаш размислуваме како концептот може да се злоупотреби и затоа сме насочени кон потребата на закон или некаква дефиниција за не секој да може да се нарекува социјално претпријатие. По посетата на Тајван гледам дека тие работат на дерегулација и тоа ми покажа и други пристапи, па се појавија и прашалници во однос на тоа дали толку ни треба таа законска рамка. Сметам дека ни треба дефиниција, ни треба стратешки план, ни треба поддршка од Владата и ентитети како ЕБОР, ама силна законска рамка која е строга и крута, не знам што би ни донела, изјави Јаневска.
Неопходна е промоција на социјалното претприемништво
Според Јаневска, државата може да помогне и има одговорност да го промовира социјалното претприемништво и да направи кампања за луѓето да знаат, бидејќи се губи и време и ресурси кога постојано се објаснува што е социјално претприемништво.
– Државата треба да отвори фондови, линија за поддршка, акционен план, нешто што ќе помогне пошироката јавност да разбере што е социјално претприемништво за после полесно да оди делот со продажба и услуга. Тоа е многу тешко зошто се уште нема дефиниција што е социјално претпријатие, вели Јаневска.
Смета дека бизнис секторот може да помогне, но дека и претприемништвото во Македонија не е на ниво да може да си дозволи да помага преку користење на услуги од социјалните претпријатија.
– Ако стигнеме да имаме силни претпријатија што нема да крпат ден со ден, мислам дека ќе стигнеме и до тој момент да бидат подарежливи и да имаат поголема почит за сите во општеството, па потоа и да помагаат на тој начин. Бизнис секторот може услугите што ги добиваат да ги користат од социјални претпријатија и тоа многу би помогнало. Сега тука своја улога игра и цената. Кај социјалните претпијатија и цените се повисоки зошто за да се дојде до цена не е исто да се работи со маргинализирано и лице што е компетитивно на пазар, вели Јаневска.
Посочува дека основата на сите социјални претпријатија треба да биде да понудат квалитетен производ, а не да се купува од милосрдие, да се стремат кон профит, а не да живеат од грантови.
Great read! The author’s perspective was fascinating and left me with a lot to think about. I’m looking forward to hearing what others think. Feel free to visit my profile for more discussions.