Празникот Прочка – Велики поклади

“Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост,

и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои.

Најнапред измиј ме од моето беззаконие и од гревот мој очисти ме,

зашто беззаконието мое го знам и мојот грев е секогаш пред мене.

Пред Тебе Единствениот згрешив и пред Тебе зло извршив,

за да бидеш праведен кога ќе пресудуваш и да победиш кога ќе судиш.

Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мајката моја.

Но, Ти ја засака вистината во срцето,

и внатре во мене ми ја објави непознатата и тајната премудрост Твоја.

Пороси ме со исоп и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег…

Сврти го лицето Свое од гревовите мои

и избриши ги сите мои беззаконија.

Создај чисто срце во мене, Боже,

и Дух вистински обнови во мене…”

(Покајничкиот Псалм 50 на Св. Пророк Цар Давид,

забележан во Стариот Завет на Светото Писмо).

 

Светиот Пророк Цар Давид во себе ја почувствувал Божјата милост и љубов и со многу силно покајание, ја искажал оваа молитва, која и до ден денес во Светата Црква се кажува за време на Божествената служба. Бог му простил и цар Давид станал еден од најпознатите светители и пророци во светот. Иако мудар цар, тој е збунет и натажен од притисокот на грешинците кои не сакаат да се покајат. Во своите мисли го бара Господ: “Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и се успокојам”. Далеку би отишол и би се сместил во пустината. Тој е навреден и од своите пријатели: “Да ме беше навредил непријателот мој, тоа би го поднел, и завидливецот мој да се беше покажал силен, јас ќе се сокриев; но тоа беше ти, човеку, кој си како јас, водач мој и пријател мој, со кого сме јале леб заедно и сме оделе заедно во Божји дом!” Тој го повикува Бога и Бог ги услишува неговите искрени молитви.

Празникот Прочка спаѓа во големите Христијански празници. Се вика уште и Велики поклади. Датумот на овој празник се менува во зависност од празникот Велигден, Воскресение Христово. Оваа година, овој празник се одбележува на втори март (недела). Денот е посветен на Светиот Великомаченик Теодор Тирон, Света Маријамна и други светители.

На овој ден луѓето со покајание еден од друг бараат прошка, а покајанието е најголем лек за гревот. Проштевањето има голема христијанска основа. По овој празник започнуваат големите и долги Велигденски пости, кои траат седум недели.

На овој празник во нас навираат неискажливи мисли за најголемиот Миротворец во светот, Спасителот на светот Господ Исус Христос. Се сеќаваме на Неговите последни зборови кои ги искажал само неколку мигови пред смртта. Распнат на Крстот, со трновитиот венец на главата и со шајките прободени во неговите раце и нозе, умирајќи во најтешки маки, испуштајќи го Својот Дух, со неизмерна љубов кон Својот Отец и кон неразумниот свет, извикува: “Оче, прости им, оти не знаат што прават!” (Лука, 23, 34). Овие Негови последни зборови и сиот Негов живот јасно сведочат пред целиот свет дека Тој е ЉУБОВ. А љубовта не е сентименталност, туку жртва, силна, неизмерна.

“Која е Таа што болска како зора, убава како месечина, светла како сонце?”  – се вели во Светото Евангелие. (Песна 6, 10) Тоа се прекрасните зборови искажани за Пресвета Богородица, Божјата Мајка и Мајка на светот.

На целиот свет му е познато дека нема пострадална од Пречиста Дева Марија на овој свет, од Онаа Која Го роди Божјиот Син и под Крстот на кој беше распнат Тој, учествуваше во Неговите последни болки. И во последните најтешки моменти од животот, делејќи се од оние кои неправедно го осудија и не беа достојни ни да го погледнат, а камо ли да Го почувствуваат и сфатат, ја искажа Својата љубов и покажа дека е Љубов. А Пресвета Богородица, Онаа во чие срце има љубов за сите луѓе од целиот свет (и за оние кои згрешиле и се покајале), Онаа за Која Свети Симеон Богопримец однапред во синагогата &  рече: “А Тебе и самата меч ќе ти го прободе срцето”, им прости и на најголемите незнабошци и злосторници кои &  го убија Синот, само да може да се спасат луѓето од целиот свет.

Пресвета Дево Марие, Пречиста Мајко на Синот Божји, Мајко на целиот свет! Застапничке и Закрилнице наша пред Христовиот престол! Премудра Мајко, Мајко на милоста, Мајко на проштевањето, Мајко на добрината на сите што Те повикуваме. Ти ги сожалуваше оние кои ја одбиваа чистотата, праведниот живот, духовната светлина и радоста, оние кои го сакаа гревот, кои правеа зло, убиства, неморал и ја бараа духовната темнина. Страдаше и се молеше за нив. Ги гледаа и Божјите и Твоите чуда, но не сакаа да поверуваат вон ив. Преку Твојот Син и преку Свети Јован Пророк Претеча и Крстител, се објави покајанието и проштевањето на гревовите, за спасението на светот, но многумина ив о тоа не поверуваа. Ти засекогаш, низ сите векови остануваш како од Бога водена ѕвезда на луѓето кон доброто, кон покајанието, кон мирот на светот, Дева Неневестна, Ризница на неисцрпна спасителна благодат на луѓето. Со своите чуда и помагање на луѓето, ги приведуваш кон познавање на Бога, Добрино неискажлива, Убавино, која со ништо не може да се спореди, Извору на мудроста која непрестано тече, Пофалбо на Христијанскиот род.

Пресвета Богородица длабоко во Своето срце чувствуваше дека Христијанството ќе го победи светот преку Љубовта која не знае за омраза, зашто таа е светлина и живот. Знаеше дека Црквата што ја создаде Нејзиниот Син и Господ, ќе биде Победничка преку Пресвета Троица и преку Неа.

Но и преку Христовите следбеници, кои умирајќи како великомаченици, свештеномаченици, маченици и други Божји угодници, знаеја да извикаат кон Бога за мачителите и незнабошците: “Боже, не им го земај ова за грев!” Колку е трогателна оваа мисла. Колку љубов кон Бога и желба за простување на гревовите на луѓето.

Многу луѓе во светот се фалат со своето насилство, со својата злоба, со своето богатство. Вршат безброј беззаконија и кон праведниците. Смислуваат измами. Повеќе го сакаат лошото отколку доброто, неправдата отколку правдата. Нивните лукави јазици искажуваат секакви лажни и погубни зборови. Бог чека таквите да се покајат, зашто до крај ќе ги уништи.

Оваа човечка долина на плачот која се чувствува и во векот во кој живееме, бара храброст, мудрост, набожност, морал, вера – силна вера, љубов, несебичност, незлопамтивост, проштевање. На злото да не му враќаме со зло. Да се потрудиме непријателот да ни стане пријател. Немирот во душата да ни се претвори во мир. Да мислиме само на убавото во животот, зашто убавината во животот, чистотата во душата, љубовта, проштевањето на гревовите на еден кон друг, без разлика на вера, раса, националност, тие ќе го спасат светот. Тие се поврзани меѓу себе.

Нашата Света Православна Црква ги повикува своите чеда да се покајат за своите гревови, и со љубов кон Бога и кон луѓето, преку Светата тајна причест и другите Свети тајни, да се соединат со Бога.

На големиот празник Проштевање, празник на чистење на душата на човекот и обновен дух, ќе има свечена Богослужба: утринска служба, Божествена литургија и вечерна богослужба, после која верниците ќе си ги проштеваат гревовите еден на друг, но најпрвин ќе бараат прошка заедно со свештениците, од архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Во семејствата се проштеваат децата со родителите, а меѓусебно и роднините и пријателите.

“А јас, пак, сум во Божјиот дом како плодна маслина и се надевам на милоста Божја во сите векови. Вечно ќе Те славам за она што го направи, и ќе се надевам на името Твое, зашто тоа е благо пред светиите Твои”. Продолжува да го слави Бога Светиот пророк цар Давид, низ сите векови, благодарејќи му за милоста и проштевањето на гревовите.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *