Собранието вчера попладне и изгласа доверба на Владата, откако претходно тоа од пратениците усно го побара премиерот Зоран Заев. Опозицијата не присуствуваше на седницата за време на гласањето, а доверба на Владата и дадоа 62 пратеници.
Гласањето за доверба беше без претходна расправа. Според собранискиот деловник, во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува премиерот усно на седницата на Собранието, пратениците се изјаснуваат на истата седница, без расправа. Според премиерот Заев, тој е прв којшто побарал доверба на владата од самостојноста на нашата држава.
Тој пред гласањето истакна дека побарал пратениците да се изјаснат за доверба на Владата за да се разјаснат некои работи што во јавноста ги наметна опозицијата околу владејачкото мнозинство во Собранието.
– Ја преземам одговорноста да се соочиме и да расчистиме. Да го видиме на дело толку најавуваното мнозинство од опозицијата која наводно ќе ја падне оваа влада. Ова е моментот да покажеме пред граѓаните колку има вистина од опозицијата, да видиме за што станува збор – стабилна власт со стабилно мнозинство или разнишана опизиција, рече Заев пред пратениците, обвинувајќи ја опозицијата за блокади и опструкции на државата и за пласирање лаги за теснопартиски интереси и создавање несигурност кај граѓаните.
Образложувајќи ги причините зошто го преземал овој чекор, рече дека нивната единствена меница е довербата на граѓаните на изборите и владината програма со силна политичка волја за континуитет во спроведувањето на заеднички прифатените стратешки приоритети на нашата земја.
– Нема да дозволиме несигурност, неизвесност, сопки, блокади и опструкции, нагласи Заев.
ВМРО-ДПМНЕ, според него, ќе остане запаметена по тоа што, како што рече, „беше најголемиот кочничар на реформите, мерките и политики што се во интерес на граѓаните“.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пак, пред напуштањето на седницата го обвини парламентарното мнозинство дека нема храброст да дозволи три дена расправа за, како што посочи, да ги кажат сите аномалии на Владата.
Изминатиот период најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ пласираше информации во јавноста за можна промена на парламентарното мнозинство, но и распад на владината коалиција. Лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски изјави дека водат разговори со парламентарни партии кои се дел од опозицијата, но и од владејачката коалиција за формирање мнозинство во Собранието.
– Да, ВМРО-ДПМНЕ води разговори и со парламентарни опозициски партии, но и со парламентарни партии кои што се дел од власта, така што кога ќе имаме мнозинство во рамките на Парламентот тогаш ќе излеземе во јавноста и тоа мнозинство ќе го презентираме, кажа Мицкоски.
Според него, Заев на сила го протурка гласањето доверба на Владата во Собранието. Тој вчера на својот фејсбук-профил напиша дека нема човек кој е задоволен од оваа Влада, но и оти најдоброто за земјата допрва доаѓа.
– Тоа што на мала врата на сила протуркува во Собрание гласање за недоверба на Владата, ограничувајќи ја јавната дебата никако не е израз на неговата сила, туку е доказ за неговата огромна слабост, но и недоверба во мнозинството кое многу лесно ќе го загуби, напиша Мицкоски, посочувајќи дека Заев ја користи неговата состојба, бидејќи е во изолација поради заразата со ковид вирусот.
Заев, наваде Мицкоски, „вака ќе купи уште некој ден живот на Владата приклучена на апарати за дишење“, но, додаде, тие денови ќе поминат.
– А тогаш повторно ќе се постави прашањето за доверба на Владата, при што сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода, и ден потоа Заев нема да биде премиер. Се гледаме наскоро!, порача Мицкоски.
Во текот на минатата недела беше објавено дека ЛДП и ДС во Собранието ќе дејствуваат самостојно, а не како дел од пратеничката група на СДСМ. Сепак, тие како и БЕСА која е коалициски партнер на СДСМ потврдија дека нема проблеми во владејачкото мнозинство и оти останува поддршката за Владата, што се покажа на гласањето за доверба.
– Ќе се види дека оваа владина коалиција оди и чекор понатаму во практикувањето на демократијата и нема ништо против пратениците од помалите политички партии на нашата коалиција да го користат легитимното право да делуваат самостојно во парламентот, нагласи Заев на вчерашната собраниска седница за доверба на Владата.
Актуелниата Влада на Зоран Заев беше избрана на 31 август 2020 година по предвремените парламентрани избори на 15 јули.
Вчерашното гласање беше прво изјаснување за доверба на Владата по нејзиното формирање.
Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.