Меѓународниот аеродром Скопје со две ASQ награди – за најдобар аеродром во својата категорија и за хигиенски мерки

Меѓународниот аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, е награден од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ) со ASQ награда за квалитет на аеродромски услуги во категоријата – најдобар аеродром со 2 до 5 милиони патници годишно во Европа и во категоријата хигиенски мерки.

Ова е шести пат како меѓународниот аеродром Скопје се стекнува со наградата најдобар аеродром во неговата големина во Европа. ТАВ Македонија претходно ја доби ASQ-наградата за 2019, 2018, 2015, 2013 и 2012 година.

– Ние сме многу среќни што сме наградени за нашите извонредни напори во текот на изминатата 2020 година, која беше една од најтешките години за глобалната авијација. И покрај сите оперативни предизвици со кои се соочувавме како резултат на пандемијата со КОВИД-19, сепак, успеавме да одржиме високо ниво на квалитет на нашите услуги и ASQ-наградата е доказ дека нашите патници ја препознаа нашата посветеност, фокусираност и напорна работа. Оваа ASQ-награда е особено важна, затоа што сега сме наградени не само како Најдобар аеродром во регионот на Европа во нашата големина, туку и во новата категорија – Најдобри хигиенски мерки во регионот Европа, како резултат на позитивните оценки на патниците во делот на дополнителните анкетни прашања поврзани со хигиенските мерки на аеродромите воведени во 2020 година од страна на AЦИ, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Како учесник во ASQ-програмата за истражување на мислењата на патниците, Меѓународниот аеродром Скопје се натпреварува со аеродроми со иста големина, со што во 2020 година беше во конкуренција со 17 други аеродроми во Европа.

Годинашните ASQ награди беа објавени денеска од страна на АЦИ чие седиште е во канадскиот град Монтреал.

Програмата за квалитет на аеродромските услуги е програма за мерење и одредување на искуствата на патниците на аеродромите. Таа го мери задоволството на патниците во заминување, преку 34 клучни индикатори за перформансот на аеродромските услуги. Повеќе од половина од патниците во светот минуваат низ ASQ-анкетните прашалници на аеродромите. Годинава, поради пандемијата и падот на глобалниот патнички сообраќај.

АЦИ ja адаптираше ASQ-програмата за контрола на квалитетот на аеродромските услуги, со цел резултатите од неа да бидат глобален репер за највисок квалитет на аеродромите ширум светот. И покрај предизвиците што ги носи пандемијата, аеродромите успеаја да ги соберат потребните анкети од патници во текот на целата година, а како резултат на истражувањето, доделени се 108 награди на 89 аеродроми ширум светот.

Од ТАВ Македонија информираат дека 2020 година ја завршиле со пад на патничкиот сообраќај за 71 процент. Минатата година, како што се наведува во соопштението, преку двата аеродрома во земјава биле превезени вкупно 782.876 патници, за разлика од 2019 година кога имало вкупно 2,7 милиони патници.

– Најголем предизвик за закрепнување на македонскиот патнички сообраќај се ограничувањата за патување за македонските граѓани воведени од земјите-членки на ЕУ/ Шенген зоната, каде што е концентриран над 77 отсто од воздушниот сообраќај, велат од ТАВ Македонија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *