ПОЛОШКА РАЗГЛЕДНИЦА

Тетовскиот крај во Македонија е опколен со раскошните природни планински врвови, особено на Шара, од каде е потеклото на семејството Стамевски. Во ова продолжение осебен акцент е ставен на животот и делото на познатиот македонски преродбеник Кирил Пејчиновиќ – Тетоец

Од Скопје до Тетово води модерна магистрала, која овозможува ова растојание од триесетина километри да се совлада за половина час. Малку километри треба да се поминат за да се излезе од клисурата Карпалак на планината и да се здогледа Тетово со Шар Планина над него.

Пред патникот се открива и Полог, една од најубавите котлини во Македонија,  полна со густо населени села  и зеленило и позната по богатството земјоделски производи што ги снабдува Тетово, Гостивар и поширокиот регион.

Исто така, овој регион е поврзан со автопат, со што патувањата во Охрид и Дебар, преку Кичево, е удобно и атрактивно. А, Западна Македонија е меѓу најпрекрасните предели во државата, како по својата раскошна природа, така и по изградените електроенергетски

објекти со живописните езерски површини.

Радика како кањон во кој се наоѓа манастирот св. Јован Бигорски и бистрата река која се влева во Дебарското Езеро, е рај за риболовците на речната пастрмка. Маврово, пак, со хидроелектраната и езерските води, а особено со скијачките   терени    на Бистра,  е  неповторлива убавина во регионот и на Балканот.

Тетово е општински центар, и се наоѓа на надморска височина од околу 450 метро, со стотина илјади  жители. Градот за првпат во историјата се споменува дури во 17 век, како Хтетово, а подоцна Турците го нарекувале Калкандере. Денес градот се наоѓа на работ на Полошката рамнина, под самата Шар Планина, каде што природната реката Пена слегува од планината во рамнината.

Уште на приоѓањето кон градот, од која и да е страна, патникот го заплискува свежата и убава клима што е резултат на местоположбата на градот опколен со раскошните природни планински врвови, особено на Шара.

Според некои податоци, во средниот век Тетово бил селска населба, со белези на ориентот. Веројатно поради благопријатната местоположба, турските бегови тука ги изградиле своите сараи. Од тоа време во Тетово се останати повеќе интересни градби, некои од нив зачувани до денес

Меѓу нив се Балтепе, Алибаба теќе, а некои од нив се концентрирани на еден комплекс. Таков е случајот со турскиот амам – денешната Уметничка галерија, Беговските конаци и една чешма. Тоа се ретки примероци на исламската архитек-тура во Тетово.

1polog 2

Теќето Арабати-Баба

Од периодот на турското владеење во Тетово посебно се издвојува шарената џамија Алаџа џамија, која се наоѓа крај Беговите кули. Вниманието го привлекува не само со својата архитектура, туку и со внатрешната и надворешната орнаментика. На периферијата на градот, покрај станицата на жичарницата за Попова Шапка, се наоѓа теќето Арабати-Баба. Тоа е некогашниот мухамедански манастир на бектешката секта, единствен зачуван на Балканот.

Тоа е денес реновирано во атрактивен угостителски објект, еден од најдобрите од овој вид во Македонија. Теќето е опколено со зелени тревници и интересен амбиент. Изградено е во 17 век од Реџеп паша, кој подарил цели села, дуќани во Тетово, Тирана, Елбасан, Солун и Истанбул.

Инаку,Тетово е многу блиску до Скопскиот аеродром, кој го поврзува со светот. Доказ за туристичките погодности наоѓаме во сараите што во овој град ги граделе турските паши и бегови, иако во тоа време бил мал град. Рускиот конзул И. Јастребов, во средината на 19 век, се воодушевувал од здравата клима на градот и го сметал за голем рекреативен центар. Ами Буе го опишува Тетово како многу чист град.

Освен зимско рекреативен спортски центар, Шар Планина е богато ловиште на дивеч. Над Тетово, во долината на реката Пена се наоѓа бањата Хисар, со температура на водата од 20°С. Од Теарце и селото Одри, родното место на семејството Стамевски кон реката Бистрица е развиен ловот на мечки и друг дивеч, заради што е изградена и ловечка куќа.

Патникот намерник кој ќе го посети Тетово, не пропушта да не се искачи на Шара, ако не на нејзиниот највисок врв од 2760 метри, тогаш сигурно до планинските езера Ливадичко, Црното или Белото или, пак, до планинарскиот дом Јелак или до рибарската куќа Лешница, ако е љубител на ловот на диви кози. 

Во околината на Тетово нема многу историски споменици. Од посебно значење се црквите во селото Лешок, оддалечено осум километри од Тетово, поврзано со добар асфалтен пат. Во ова село се наоѓа манастир со две цркви: Свети Атанасиј, подигната во 14 век, за време на основањето на Првата полошка епископија. Соѕидана е во византиски стил од камен бигор и тула. Подот е покриен со мермерни плочи.

Остатоците од фреските покажуваат дека тие биле многу квалитетни. Денес црквата е обновена од уривањето во 2001 година. Втората црква е Света Богородица, која за првпат се споменува во 14 век. Co доаѓањето на познатиот македонски преродбеник Кирил  Пејчиновиќ – Тетоец во 1818 година, околу неа се изградени конаци. Живописот во црквата бил работен три-пати. Вториот слој е од 17 век, а третиот од 1879 година.

Гробот на Кирил Пејчиновиќ се наоѓа во дворот на манастирот Лешок. Тој е роден во Теарце околу 1770 година. Овој македонски просветител во манастирот организирал школа за младинци во која самиот бил учител. Освен тоа собирал книги и основал манастирска библиотека. Во конаците на манастирот е уредена соба музеј на Кирил Пејчиновиќ.

Секој нејзин посетител останува импресиониран од богатиот и бурен живот на овој македонски просветител. Како млад ја посетувал манастирската школа во „Света Пречиста” Кичевско, за потоа со неговиот татко и стрико да заминат    за    Света    Гора,    во    манастирот „Хилендар”, каде што се покалуѓериле. Тука тој го продолжил своето школување, а во 1801 година се враќа во Македонија и станува игумен во „Марковиот манастир” во околината на Скопје.

1polog 3

Лешочкиот манастир

Во текот на својот престој од околу дваесетина години тој го обновил манастирот, истовремено пишувајќи ја и својата прва книга „Огледало”, издадена во Будим во 1817 година. Една година потоа го напуштил „Марковиот манастир” и заминал на „Хилендар” да ги посети татко му и стрико му, за потоа дефинитивно да се врати во Теарце. Негова цел била да го обнови разурнатиот манастир „Св. Атанасиј” во село Лешок. Во тоа и успеал наспроти големите проблеми и тешкотии на кои наидувал. Во манастирот формирал училиште кое го посетувале околу педесеттина ученици од тој крај.

Bo тој период Кирил Пејчиновиќ ја продолжил својата книжевна работа и го напишал „Утешение грешним”, објавено во 1840 година во Солун. Истовремено, напишал и Житие за кнез Лазар, верувајќи дека тој е заслужен за изградбата на Лешочкиот манастир, но тоа останало во ракопис, бидејќи сите негови обиди да го отпечати во Крагуевац, останале безуспешни, поради строгата цензура на Белградската митрополија.

Истата судбина ја доживеал во првата фаза и ракописот на „Утешение грешним”, кој потоа му го понудил на архимандритот Теодосиј Синаитски да го отпечати во неговата печатница во Солун. Овој негов гест Пејчиновиќ не го заборавил, па кога оваа печатница во 1840 изгорела во пожар, му помогнал на Гологанов да ја обнови. Изразите на неговата благодарност тој ги подвлекол во предговорот на книгата „Утешение грешним”.

По смртта на Кирил Пејчиновиќ – Тетоец српските власти го затвориле училиштето во Лешочкиот манастир и ја уништиле неговата библиотека, чии книги биле запалени во манастирскиот двор. Тука е погребан и тој во 1845 година, во гробницата што ја изградил само неколку години пред својата смрт.

Продолжува

1slave  Пишува: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “ПОЛОШКА РАЗГЛЕДНИЦА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *