Сакам да испратам порака да бидеме одговорни и да го спроведеме пописот. Наша должност е да се попишеме сите, законот тоа го предвидува, тоа е исто така меѓународна пракса, обврска на сите и апелирам вклучување на најголемата опозициска партија во оваа одговорна операција, затоа што последиците од било какви девијантни појави што може да се јават преку неодговорно однесување, може да бидат непоправливи како последици.
Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев на прес-конференција во одговор на новинарско прашање дали е можен поголем консензус меѓу власта и опозицијата за пописот.
Според него, статистичката операција треба успешно да се затвори, затоа што, како што рече, сме една од ретките земји која што 20 години нема попис, додавајќи дека се разгледуваат сите сугестии што беа дадени.
– Најголемата опозициона партија не го поддржа законот за попис. Граѓаните треба да знаат дека при отворање на прифатен амандман значи бесконечно отворање и блокирање на законот за попис. Сугестиите што дојдоа се обидовме најдобронамерно да ги прифатиме и да можеме да ги вградиме, како што се отпечатоците од прст. Сериозно се разгледуваат сите други сугестии што беа дадени, како што е електронски попис, но електронски попис не дава одговор на постоење на информации во базите на податоци за верска определба, за етничка определба, за податоци за нашите граѓани од дијаспората односно нерезидентни сите тие кои се повеќе од една година надвор од државата, како што е вкупен број на семејството и други податоци, рече Заев.
За предлогот на претседателот Стево Пендаровски пописот да се одложи за мај или јуни, рече оти се е вредно за размислување.
– Летото знаеме дека попис не се спроведува. Септември е кампања, октомври е изборен период за локалните избори. И да размислиме за месец дена, месец и пол, да завршиме некаде до средината на јуни, веќе гледам опозицијата тоа го одби, така што, да ја испратам пораката да бидеме одговорни и да го спроведеме пописот, рече Заев.
Пописот, продолжи премиерот, е согласно сите стандарди на Евростат и сите меѓународни стандарди на пописот.
-Дел од базите што се неопходни за оваа статистичка операција се присутни во државата и ги имаме. Дел електронските бази ќе се користат за споредба на теренските проверки што ќе ги правиме за да може да се споредат. Дел не постојат никакви бази како што напоменав неколку информации и ќе мора теренски да се спроведат. Секако тоа ќе биде согласно сите здравствени протоколи. Најмалку што можеме да направиме за земјава во поглед на ова прашање е да бидеме одговорни сите, рече Заев.
Подвлече дека пописот ниту ускратува права, ниту дава нови права, ниту нешто ќе промени во државата, ниту, рече, не знам какви драми може да се случат и оти тие податоци ни се неопходни за развој на државата, за регионалниот развој на државата, за економските политики, да знаеме колкави се регионите со невработеност и со обработливост, да знаеме каде има локации за нови индустриски зони, за развој на нови економски политики и за отворање нови работни места.
-Ако е во прашање фрустрацијата затоа што некој не успеал да направи попис, а еве некој ќе успее да направи попис, јас уште сега објавувам дека е заеднички успех пописот што ќе го спроведеме сите во државата, Не држи тврдењето дека за време на пандемија не може да се оди и да се прави попис. Како тогаш за време на пандемија се собираат питписи, како тогаш имавме успешни избори имавме и локални успешни избори. Така шо апелирам има потреба за многу прашања да застанеме заедно, за а пописот ни е должност да застанеме сите заедно, заклучи Заев.
Претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека може да се направи компромис за пописот и двете спротивставени политички опции да си подадат рака – власта да се согласи пописот да се спроведе во мај или во јуни, а опозицијата да не го бојкотира. Опозицијата, пак, од денеска собира потписи за поништување на Законот за попис. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера повтори дека пописот, доколку веќе власта инсистира да се спроведе, најдобро би било да биде електронски за да се заштити здравјето на граѓаните. Наспроти барањето на ВМРО-ДПМНЕ за електронски попис, од СДСМ со став дека таков вид на статистичка операција нема да ги даде комплетните податоци какви што се потребни и кои треба да бидат според стандардите на Евростат. Од оваа партија предлагаат комбиниран попис.