Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на Адела Моника Аксинте, новоименувана вонредна и ополномоштена амбасадорка на Романија за Република Северна Македонија.
Посакувајќи и добредојде на амбасадорката Моника Аксинте, претседателот Пендаровски на церемонијата на предавање на акредитиви ги истакна пријателските односи меѓу двете земји кои се карактеризираат со отворен дијалог и со заемни заложби за нивно збогатување во сите области од заеднички интерес.
-Сакам посебно да ја истакнам соработката и размената на искуства како држави сојузнички во рамките на НАТО, но и континуираната и принципиелна поддршка и помош од Романија во сферата на европските интеграции на мојата земја. Во таа смисла очекувам дека Северна Македонија, конечно, и формално ќе ги започне преговорите за полноправно членство во Европската Унија со одржување на првата Меѓувладина конференција“, рече претседателот Пендаровски, потенцирајќи дека и во следниот период сметаме на јасната и недвосмислена поддршка од Романија, како пријател, сојузник и стратешки партнер на нашиот регион, но и промотор и лобист на Северна Македонија во овој процес, истакна Пендаровски.
Нагласувајќи го високиот степен на развој на динамичните билатерални односи кој се потврдува и со блиската соработка за време на здравствената криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19 и во справувањето со последиците од истата, претседателот Пендаровски упати благодарност за помошта која романската влада ја даде на нашиот здравствен систем, притоа изразувајќи очекување дека во иднина ќе се интензивира и економската соработка меѓу двете држави, како и соработката во областа на образованието, науката, истражувањето и иновациите.
-Уверен сум дека за време на Вашиот мандат, позитивниот тренд на соработка ќе продолжи да се динамизира преку конструктивен политички дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, сакам да упатам покана до мојот почитуван колега, претседателот Клаус Јоханис за посета на Република Северна Македонија во блиска иднина. Ќе ми претставува чест и задоволство да бидам негов домаќин, рече Пендаровски.
Претседателот, како што соопшти неговиот кабинет, се осврна и на почитувањето и унапредувањето на третманот и статусот на македонската заедница во Романија и на романската заедница во Северна Македонија, кои како што нагласи, се мост на поврзување меѓу двете земји, со јасно изразени заемни заложби за негување, унапредување и натамошно збогатување на соработката на овој план.
Амбасадорката Моника Аксинте во своето обраќање истакна дека поддршката на Романија за процесот на проширување на ЕУ е цврста и постојана, вклучително и за време на нивното претседателство со Советот на ЕУ. Изразувајќи жалење што очекуваниот консензус за усвојување на преговарачката рамка се уште не може да се постигне, романската амбасадорка истакна дека државата продолжува да ги поддржува заедничките напори за идентификување на потребниот консензус за да се забрза процесот.
-Од оваа перспектива, Романија го поздравува реафирмирањето на заложбата на Република Северна Македонија за напредок на европскиот пат на земјата како и одлучноста за спроведување на потребните реформи бидејќи не постои друга алтернатива за европската интеграција. Во целост сметајте на поддршката на Романија во овој потфат, рече амбасадорката Моника Аксинте.
Во контекст на формалното членство на нашата држава во НАТО, амбасадорката Моника Аксинте го поздрави тоа што Република Северна Македонија континуирано го дава својот придонес во мировните мисии и операции, со што како што нагласи, е доверлив учесник во обезбедувањето на стабилност во регионалното и глобалното безбедносно опкружување.
-Особено би го ценеле учеството на Република Северна Македонија во рамките на структурите на НАТО присутни во Романија, како што е романската бригада во иницијативата за одговор на НАТО, со што би се испратил јасен сигнал за подготвеноста за вклучување во безбедноста на регионот на Црното Море, истакна романската амбасадорка, поздравувајќи го договорот нашата држава да претседава со ОБСЕ во 2023 година.
Амбасадорката истакна дека Романија особено го цени напредокот на Република Северна Македонија во градењето на автентично мултиетничко и мултикултурно општество, изразувајќи подготвеност за соработка за заштита на културниот и јазичниот идентитет на нашите малцинства.
Посакувајќи и успех во вршењето на одговорната функција, претседателот Пендаровски истакна дека амбасадорката Моника Аксинте ќе ја има нашата целосна поддршка и соработка.