Ниту порано ниту сега придавката „македонски“ не е проблем и таа останува во записниците од Заедничката мултидисциплинарна експертска историска комисија помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Тоа е идентитетска придавка и нашиот идентитет не е спорен, и никој пат нема да дозволиме кој било да го спори, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
-Мене ми е драго што и вчера претседателот на Комисијата потврди тоа што и на нас како Влада ни го има соопштено, пред се, преку министерот за надворешни работи Бујар Османи, а тоа е дека ниту порано ниту сега придавката „македонски“ не е проблем. Таму како се дискутира од страна на нашите историчари и на бугарските историчари така ќе стои и во записниците. Тоа го потврди и самиот претседател на Комисијата. Тоа е идентитетска придавка и нашиот идентитет не е спорен, и никој пат нема да дозволиме кој било да го спори, рече Заев на новинарско прашање по обраќањето во село Стајковци по повод изградбата на нова спортска сала.
Тој ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека Владата работи во интерес на Бугарија и нагласи дека нема повеличествени и поимперативни интереси освен македонските интереси, реферирајќи на македонската нација, а со тоа и, вели, на македонскиот народ,на албанскиот народ и сите други народи кои живеат во земјава.
-Секако кога зборувате со друга страна за постигање на договор, водите грижа и за другата страна, како што очекувате таа друга страна да води грижа и за вас. Нема ништо позначајно, нема ниту каква било цел, сојуз или иднина со загрозување на интересите на македонската нација. Затоа како Влада, Парламент, а и претседателот на држвата, работиме и му служиме на нашиот македонски народот и на сите граѓани кои живеат во земјава онака како што мислиме дека е најдобро, оставрувајќи ги неговите вековни и децениски стратешки цели – членство во НАТО, во ЕУ, мултиетнички соживот во државата, но никако, и никаде и никогаш по цена на интересите на нашиот народ. Ако нешто било загрозено досега немаше да има ни вето ни блокада. Затоа што за некои работи за кои никаде во светот не се разговара нема да дозволиме ниту овде да се разговара, а тоа е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, порача Заев на новинарско прашање.
Во однос на можноста за објавување на усвоените записници од работата на Комисијата за историски прашања порача дека тоа зависи од заедничкиот договор со бугарската страна.
-Владата на седница во јуни/јули 2019 година ги има усвоено записниците, односно извештаите со препораките за заеничкото чествување на пет историски личности и три историски периоди. Нивното објавување зависи од заедмното договарање помеѓу двете страни, македонската и бугарската, така е согласно, Договорот. Ако бугарската страна потврди и ние сме подготвени уште веднаш. Се работи за цар Самоил, за св, Кирил и Методија, за св. Наум и св. Климент Охридски веднаш сме подсготвени да ги објавиме, вели Заев.