Сојуз на земјоделски здруженија: Нема да дозволиме тутунарите да бидат оштетени, ќе се стопираат ваги за нереална процена на тутунот

Од понеделник ќе се стопираат вагите и откупните центри со нереална процена на тутунот и нема да дозволиме тутунарите да бидат оштетени, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.

Стомнароски рече дека при средбата во Министерството за земјоделство со откупувачите, нагласиле дека откупот е катастрофален, како и цените и процената на вагите, а одбитоците се многу високи.

-Министерството нѐ поддржува за реална процена на родот. Ги повикувам сите повереници кои се на откупните пунктови, дека од понеделник, секаде каде се откупува тутун, доколку има нереална процена и се зема тутунот за класа подолу, да се блокираат вагите, да се известат Министерството и Земјоделскиот инспекторат. Министорот најави дека тој лично ќе појде на теренот за да се реши ситуацијата, тутунот да почне да се откупува реално. Нема да дозволиме тутунарите да бидат оштетени, изјави Стоманроски.

Како што велат од Сојузот, лани овој период имало веќе откупено 10 000 тони, а досега се само 250 тони и сите компании немаат отворено. Сега откупуваат четири, а од понеделник има најава да отворат уште четири откупувачи. Две компании се изјасниле дека до крајниот рок за почеток на откупот, 15 декември, ќе обезбеделе гаранции за средствата за плаќање. од Сојузот не знаат зошто е ваква ситуацијата и зошто тутунот се плаќа од 120 до 140 денари, а реално, според квалитетот, цената треба да биде од 180 до 200 денари за килограм.

-Бевме на теренот. И во Велес, Радовиш, Струмичко и во Пелагонија. Навистина процената е нереална. Тутунот на производителите им се рпоценува за класа до две подолу. Дури, некаде отворено велат дека не размислуваат да им дадат прва класа. Некаде, пак, дека ќе им земат само две кутии тутун. Ние бараме сѐ што е произведено да се откупи. не држи место дека има многу вишок. Договорени за откуп се околу 23 000 тони, а според нашите процени има најмногу до 24 000 тони тутун. Бараме да биде откупен и последниот лист произведен тутун, вели Стомнароски.

Од Сојузот не знаат зошто се прави ваков притисок.

-Не знаеме зошто е ваква ситуацијата. Ниту зошто само половината од компаниите откупуваат, ниту зошто досега се купени само 250 тони.  Но, ние докрај ќе стоиме на ставот да се откупи и последното ливче произведен тутун. Моментално се откупува по 120, 130 до 140 денари за килограм. Според годинашниов квалитет сметаме цената дека треба да биде од 180 до 200 денари, изјави Стомароски кој нема информација дека се увезува тутун. Според Законот децидно се знае која компанија кога и што увезува. Станува збор за режан тутун и за полуориенталски.

Тутунарите се исплашени од притисокот што им го прават откупувачите. Со ова се уназадува производството.

-Ситуацијата е катастрофална. Откупните цени се речиси никакви. Ако продолжат вака, ќе го уништат народот. Не се исплаќа за трошоците. А оние кои работат со аргати, не им останува ништо. Тутунот е добар, нема скапан, вели прилепскиот тутунар Коста Колески.

Месут Рушити, село Црнилиште, Долнени посочува дека е малку уплашен од ситуацијата.

-Имам над четири тони тутун. Малку сум уплашен од ситуацијава поради откупните претпријатија кои почнаа многу ниско да го откупуваат тутунот. Со години ова не се случило. Можеби годинава квалитетот е за нијанса помал, но не онолку колку што сакаат да прикажат откупувачите. Можеби долните берби се неквалитетни, тие и онака секогаш не се плаќале добро, но уверувам дека горните, врвни берби се квалитетни. Периодот беше сушен и тутунот добро се исуши. Ова нѐ плаши зашто догодина ќе мора да мислиме што понатаму. Но нема друго, зашто поврпшините под тутун се адекватни само за тоа, вели Месут Рушити, тутунар од селото Црнилиште, Долнени.

Од прилепскиот Институт за тутун велат дека годината е со просечен, добар квалитет, но за реално да се согледаат состојбите треба да се почека сите откупувачи да ги отворат пунктовите и да почне редовниот откуп од 15 декември.

 

 

One thought on “Сојуз на земјоделски здруженија: Нема да дозволиме тутунарите да бидат оштетени, ќе се стопираат ваги за нереална процена на тутунот

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *