Ќучук: Треба да се даде силен знак дека местото на Скопје е во ЕУ

Треба да дадеме силен, проевропски знак, дека Европската Унија ја гледа Република Северна Македонија и целиот регион како нејзин составен дел, не само географски, туку и политички и економски. До состанокот на Берлинскиот процес на 10 ноември, нема време за крупни одлуки. Штета би било оваа можност да се испушти за време на силното германско претседателство.

Ова во изјава за БНР го истакнува бугарскиот европратеник и известувач за С Македонија во Европскиот Парламент Илхан Ќучук, коментирајќи ги случувањата на релација Софија – Скопје и бугарските закани дека ќе ја блокира македонската евоинтеграција.

– Сфаќам дека не е лесно. Но, мора да бидеме разумни. Ајде да сториме се што е можно… и Владата и политичарите да покажат поголема храброст, истакна Ќучук.

Тој како големо достигнување на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија ја гледа формулацијата „заедничко“, затоа што заедничкото минато, заедничката историја и заедничките корени, според него, ќе постават „многу цврсти темели и за заедничка иднина“.

– Комисиите од бугарска и македонска страна постигнаа многу. Историјата не е лесна тема за разговор. Никој не вели да се откажеме од овој разговор, но мора да му се даде време. Ако Договорот од Преспа го реши проблем со Република Грција и го елиминира еднаш засекогаш, сакајќи да покаже дека минатото на едната и на другата страна немаат ништо заедничко, тогаш бугарскиот договор со Република Северна Македонија започнува процес – да се каже дека сè било заедничко, рече Ќучук.

Крајната цел е да бидеме заедно во Европската унија и тоа е стратешки интерес на Бугарија, Северна Македонија и Европската унија, вели бугарскиот европратеник, но забележува дека е изгубен интензитетот во овој процес.

– Чувствата на граѓаните постојат од двете страни на границата и не треба да си играме со нив, и тие се диктирани од нејасните позиции што сакаме и каде сакаме да биде регионот, додава Ќучук.

Бугарскиот европратеник и известувач за С Македонија во Европскиот парламент смета и дека Брисел тешко ги разбира недоразбирањата меѓу Софија и Скопје, и бара современо однесување, конкретни активности во рамките на меѓународните формати.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *