„Грик Сити Тајмс“: Зошто Софија најавува вето на евроинтеграцијата на Скопје, а не го блокираше членство во НАТО

Бугарија многу веројатно ќе стави вето на приемот на Северна Македонија во Европската Унија и покрај првичните тврдења дека таа нема да ја попречува поранешната југословенска република да се приклучи кон блокот, наведува грчкото електонско издание „Грик Сити Тајм“.

Порталот потсетува дека бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева најави дека нејзината земја ќе го блокира влезот на Северна Македонија во ЕУ, ако земјата „не признае дека нејзиниот национален идентитет и јазик имаат бугарски корени“.

– Барањата на Бугарија не се нови и таа веројатно ќе се одлучи на вето. Западните сили се заинтересирани за членство на Северна Македонија во ЕУ и се очекува да извршат притисок врз Бугарија да се откаже од своите барања или да се постигне компромис. Но, дури и да ги започне преговорите за членство, Северна Македонија има уште многу да направи до приемот во ЕУ, додава „Грик Сити Тајмс“.

Грчкото издание потенцира дека сепак изненадува што Бугарија се противи на влез на Северна Македонија во ЕУ, но не се спротивстави на членството на земјата во НАТО.

– Ова наведува на заклучок дека Бугарија смета оти спротивставувањето на руското влијание на Балканот претставува поважен приоритет од заштитата на бугарскиот јазик и идентитет во Северна Македонија, смета порталот.

Според „Грик Сити Тајмс“, противењето на Бугарија за членство на Северна Македонија во ЕУ е понижувачко од грчка перспектива, бидејќи не само што ги поткопува заложбите на Грција за насочување на балканските земји кон членство во ЕУ, туку и нејзината одлуката да го признае македонскиот јазик во 2018 година.

– Со ова Атина се вовлекува во спор што не ја засега, особено имајќи предвиде дека не постои специфичен меѓународен договор за дефинирање на јазикот, наведува „Грик Сити Тајмс“, додавајќи дека Договорот од Преспа во 2018 година, со кој се реши спорот околу името меѓу Атина и Скопје, беше склучен „единствено за да може Северна Македонија да влезе во НАТО“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *