Берлин во посредувачка мисија меѓу Скопје и Софија

По зачестените најави од бугарски официјални лица дека преговорите за пристапување во ЕУ со Република Северна Македонија, кои треба да започнат за време на германското претседателство, можат да стартуваат само откако земјата ќе ги исполни посебните услови на Бугарија, вчера во Берлин на покана од министерот за надворешни работи на Германија Хајко Маас и германскиот државен министер за Европа Михаел Рот се одржа работен состанок на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи со министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева.

Од Владата за МИА потврдија дека разговорите во германскиот главен град се во функција да се најдат начини за приближување на позициите на Скопје и Софија и да се овозможи почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ во рамки на германското претседателство.

-Целта на состанокот е да се разгледаат можностите за решенија во рамки на Договорот за пријателство за да имаме заедничко успешно претседавање со Берлинскиот процс за Западен Балкан и заеднички успех во однос на процесот на ЕУ интеграции, појаснија од Владата. 

Во своето вчерашно издание германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг, објави анализа во која посочува дека во Брисел моментално се води спор што може да има сериозни последици за иднината на проширувањето на ЕУ, посочувајќи токму на бугарските условувања кон Скопје.

ФАЦ оценува дека бугарското тврдење, дека постои само една „историска вистина“, имено нивната, и дека таа мора да биде цврсто наведена во преговорите за членство во ЕУ, не одговара на 21 век, таквата позиција на Софија предизвикува загриженост во целиот  регион.

Германскиот весник објаснува дека клучната одлука, дали на Северна Македонија ќе и биде дозволено отворање на преговорите, ќе ја донесат министрите за надворешни работи на ЕУ на 10 ноември, откако претходно таа треба да биде подготвена од амбасадорите на земјите-членки. Бугарија може да ги блокира овие процеси, затоа што одлуките се носат со консензус. Затоа, Германија, се наведува,  бара од двете земји ваквите спорови да ги решаваат билатерално и да не ги внесуваат во преговарачката рамка.

-Шефот на дипломатијата Хајко Мас и министерот за Европа Михаел Рот веќе со недели работат на такво решение со тоа што телефонски разговараат со своите колеги во двата главни града. ЕУ-дипломати се воздржани оптимисти дека ќе се најде такво решение, пишува ФАЦ.

Бугарскиот министер за одбрана и лидер на партијата ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов, пак, вчера излезе со тврдење дека нема дипломатски притисок врз Бугарија од страна Германија и оти Софија нема да отстапи од барањата кон Скопје да ги признае бугарските корени на својата историја и идентитет доколку сака почеток на преговорите со ЕУ

– Ќе видиме што ќе се случи за една недела. Изборот дали ќе бидат дел од ЕУ е нивен. Нема да станат членки на Европската унија со коминтерновско удирање по маса, изјави Каракачанов за бугарската национална телевизија БТВ.

Во интервју за „24 часа“ бугарскиот историчар Иван Илчев, поранешен ректор на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и актуелен член на бугарскиот тим во заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања оценува дека за македонскиот јазик Бугарија е на губитничка позиција, но не и кога се однесува за историјата, која е вели, неспорна..

-За европското јавно мислење не е јасен бугарскиот спор за македонскиот јазик. Според европското јавно мислење, ако има држава, таа си има и јазик. Ова загледување во македонскиот јазик е губитничка позиција за нас, вели Илчев.

Скептик е дека ќе бидат решени спорните прашања меѓу двете земји до 10 ноември, кога Бугарија и Северна Македонија ќе копретседаваат со Берлинскиот процес, пренесува Дојче веле.

Македонски и бугарски научници вчера упатија заедничко писмо  до премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, шефовите на дипломатиите на двете држави Екатерина Захариева и Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања на РСМ Никола Димитров со повик за кооперативност околу актуелните проблеми. Што се однесува до споровите и разликите околу историските прашања, според потписниците на писмото, доволно би било создавањето на атмосфера поотворена за дијалог. Загрижувачки е преку преговори меѓу две држави да се бара согласност за само една историска вистина кога современата историографија уште одамна го има прифатено постоењето на различни интерпретации, како резултат на различни перспективи.

-Досегашната работа на мешовитата историска комисија покажува дека е можно постигнувањето на согласност дури и за најтешките прашања за нашите две земји, но тоа е долг процес и не треба да се поставуваат нереалистично кратки рокови. При тоа тој процес не треба да се одвива под притисок, којшто би ги дискредитирал постигнатите компромиси и согласности. Секој наратив за националното минато подлежи на преобмислување и преоценување, но тоа треба да се случува во слободни академски и општествени дискусии, стои во писмото.

Советот на амбасадори во кој членуваат поранешни дипломати.преку соопштение упатено до медумите ја оцени како непристојна заканата од страна на Бугарија за евентуално блокирање на С Македонија на патот кон ЕУ, „наметнувајќи непристојни прашања во вид на трговија со македонскииот идентитет и јазик и со факти од историјата“.

Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев минатата недела по состанокот на Советот за безбедност кој беше посветен на справувањето со ковид-кризата, изјавија дека  немало ниту ќе има преговори за идентитетот и јазикот.

 

12 thoughts on “Берлин во посредувачка мисија меѓу Скопје и Софија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *