Мицкоски: Дали Захариева барала нов договор за уставни измени со кој ќе се редефинира нашата нација

Проблемот кој го имаме со Бугарија, не е само со Гоце Делчев, таму имаме низа проблеми и за сите тие проблеми треба внимателно да ги следиме и да реагираме, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Еве ќе ви дадам уште една ексклузивна информација. Да го прашаме министерот за надворешни работи Бујар Османи дали е точно дека барањето од страна на неговата колешка (Захариева) било практично да се потпише нов договор кој ќе биде сличен на Преспанскиот со уставни измени, каде ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму, а пред 1945 дека сме биле нешто друго. Еве да го прашаме дали ова е точно и дали е ова услов за понатамошно продолжување на преговорите, истакна Мицкоски во интервју на телевизијата Канал 5.

Според него, не смее да се остави политичари кои спасувајќи ги своите политички кариери ја уништуваат нацијата „асимилирајќи ја нацијата, уништувајќи ја современата македонска држава“.

Мицкоски истакна дека претседателот на Владата, Зоран Заев во 2016 година им ветил на бугарски политичари дека „се ќе признае, само Бугарите да му дадат поддршка и да биде премиер“.

– Сум разговарал лично на оние состаноци во Европската народна партија со бугарски политичари кои што се дел од таа европска партија и тие мене ми имаат цитирано дека ова што денес го бараат е практично ветување од Зоран Заев уште од 2016-та година, пред тие избори. Уште тогаш е ветувањето – вие поддржете ме да направам Влада и не се секирајте се ќе решиме. Еве ви го кажувам и тие луѓе сега си го бараат ветеното, истакна Мицкоски.

Говорејќи за спорот со Бугарија, Мицкоски додаде дека историчарите се едниот фронт каде што се води битката.

– Но, ние зборуваме за политичките егзибиции и политичкиот инженеринг кој што го прави Зоран Заев цело време. Не може така да се однесувате. Тоа не е зрело однесување. Најпрвин ги загрозивте сите шанси Македонија да ја има европската перспектива, а потоа велите вака ќе биде или така ќе биде, не може. Така не се однесува зрел политичар, нагласи Мицкоски, посочувајќи дека треба да се стави крај на „вакво незрело политичко однесување, бидејќи тоа не води кон подобра иднина на земјата“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *