Мисајловски најави протест на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка „на членството во ЕУ, за Македонија и за Гоце Делчев“

Гоце Делчев е еден од најсветлите ликови врз чиии постулати почива современата македонска држава.

Тој е дел од нашиот идентитет и црвена линија за нашето достоинство. Токму за него и за историски факти далеку од очите на јавноста преговара владата на Заев со нашиот источен сосед. Трговијата со неговото име и постоење значи трговија со нашето постоење и она што сме и ќе продолжиме да бидеме, тоа е Македонци. Во меѓувреме нема никакво поместување на патот кон Европската Унија. Европската Унија останува уште едно неостварено ветување на Зоран Заев и неговата власт. Не чувме идеја, ниту план. Да потсетиме ова е Влада која е спремна да се откаже од се, само за својата лична спас и спасот на неколку кариери на луѓе кои ја водат.

Се работи за мошне чувствителен период и тоа време кога и им треба нашата поддршка на нашите историчари кои се дел од тимовите за преговори за да ја бранат вистината за Гоце и да не потклекнуваат на трговии и политички притисоци.

Затоа, ВМРО ДПМНЕ организира во вторник со почеток во 18:30 часот Протестен собир кој ќе започне од пред Министерството за правда, ќе продолжи преку мостот „Гоце Делчев“ се до зградата на Министерството за надворешни работи. Протест на кој ќе изразиме поддршка за членството во ЕУ, за Македонија и за Гоце Делчев кој е нашето постоење и нашиот идентитет. Делчев се борел за народна слобода и пред се културен и сестран развој што е и основа на европските вредности кон кои ние сите се стремиме. Делчев е ликот кој треба да не обединува, а не да не разединува.

Ова е мирен народен протест на кој ќе испратиме јасни пораки. Време е за гласот на тивкото мнозинство. Повикуваме сите да ни се приклучат во протестот кој треба да биде нашиот глас за она што не обележува како држава, стратешки интерес и бедем на нашето постоење.

И сосема на крај, предочуваме дека имаме сознанија за уфрлање на поединци кои се инструирани од власта, кои ќе имаат за цел да го дискредитираат протестот со елементи на говор на омраза и изразување на ставови кои не се дел на партијата, за да подоцна се дискредитира ВМРО ДПМНЕ. Однапред се оградуваме од таквите инструирани сценарија кои само им одат во прилог на структурите на власта кои ја држат државата заробена и не посакуваат напредок. Токму затоа на однапред видно одбележано место пред Министерството за правда ќе се делат пораки и транспаренти кои ќе бидат дел од протестот чија јасна цел ја кажуваме денес.

Ве повикуваме сите и се гледаме во вторник во 18:30 часот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *