Соопштение за јавност за лидерските средби на Претседателот Ѓорѓе Иванов

Почитувани,

Во врска со двете лидерските средби со различен формат, на кои домаќин беше Претседателот Ѓорѓе Иванов, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Македонската Алијанса смета дека сите Државни институции, без разлика која политичка партија или коалиција е на власт, мора безусловно да ја гарантираат правната сигурност. Законите треба да важат за сите подеднакво. Не смее да има селективна правда, политички прогон, загрозување на човековите слободи и права и нарушување на Уставно загарантираната презумпција на невиност. Доколку некој се огрешил треба да одговора, но не и однапред да се прогласува за виновен само затоа што има поинаква политичка припадност и идеолошки разлики. Реваншизмот и одмаздата предизвикуваат анархија. Истовремено, секогаш кога политичките пазари, амнестии или помилувања ја трампаат правдата со политички привилегирани, тогаш задолжително Македонија и Македонскиот народ се жртви. Последиците од срамната амнестија за оние кои го уриваа Уставниот поредок во 2001, а сега се на највисоки Државни функции, Татковината допрва ќе ги чувствува. Преседаните кои се направени во минатото, или оние кои се прават сега, со сигурност ќе ни се вратат како бумеранг во иднина.

Наша должност е да бараме јасен и прецизен одговор од Иванов, Заев, Груевски, Ахмети и Џафери што се мотивите и која целта на ноќните лидерски средби во Претседателскиот кабинет? Како оддеднаш им текна дека е потребно „сите чинители во општеството да се насочат кон градење консензус за национален дијалог“, како што соопшти Кабинетот на Иванов?

Македонската Алијанса повеќе од две години упорно инсистира најодговорните политички партии, застапени во Македонското Собрание, да седнат и заеднички да договорат национален консензус за заштита на Државните интереси. За жал, раководствата на партиите, најчесто заради лични или партиски интереси, едните мотивирани да ја задржат, другите да ја освојат власта, останаа неми и глуви на овие апели. Затоа, сега имаме полно право да инсистираме на одговор што се смени? Дали заканите, уцените, стравот од кривичен прогон и заштитата од личната слобода се посилни од националните чувства за одбрана на најсветото? Што се брани сега, иднината на Татковината или привилегиите и плодовите од власта? Има ли Македонија вистински патриоти кои се подготвени да се жртвуваат како што тоа го правеле нашите претци?

Имамe право да се сомневаме дека последните апсења, притворите и обвиненијата се неопходен дел од стратегијата со сила и принуда да се дојде до крајната цел – промена на името и обезличување на Македонскиот народ, со обид да се издејствува изречна или преќутна согласност на актуелните политички актери во Татковината.

Во периодот што следи сите ќе бидеме во искушение. Државно – политичкиот врв ќе биде на тест да покаже дали Македонските политичари патат од синдром на самоуништување. Оние кои мислат дека ќе можат да спроведат велепредавство, се лажат! Македонците во и надвор од границите на Републиката се подготвени да одговорат на највисоката патриотска должност, да го одбранат светото Македонско име и идентитет.

Македонската Алијанса опстојува на ставот дека сега е моментот да се прекинат преговорите за името, бидејќи замката однапред е подготвена, влетувањето во неа ќе биде погубна за Македонскиот народ.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *