Мицкоски: Економијата е во колапс поради нерационалното трошење на Владата

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја обвини Владата дека веднаш по изборите економијата ја довела во колапс и тоа, како што вели, како последица на серијата погрешни одлуки, на нерационалното трошење на еврообврзницата „насочена кон досега најголемиот институционален поткуп за време на изборен процес“.

– Цената се плаќа денес. Бизнисот тоне. Банкарскиот и финансискиот сектор е пред распад, а власта целокупната енергија ја насочува кон зачувување на своите фотелји и бизниси. Податоците говорат дека Македонија е во економска криза, најдлабока досега, рече Мицкоски на прес-конференција.

Индустриското производство кумулативно во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2020 споредено со истиот период во 2019 година, според него, бележи пад од 14,6 проценти, бројот на работниците  кумулативно за периодот јануари – јуни 2020 година е намален за 4,4 проценти споредено со истиот период 2019 година, а стокова размена со странство. кумулативно од јануари заклучно со 30 јуни 2020 споредено со истиот период 2019 извозот вели, бележи опаѓање за 22,3 проценти, а увозот за 18,1 процент.

Државниот долг, посочува тој, од 4,579 милијарди евра пораснал на 5,561 милијарда евра или за цели 982 милиони евра или тоа е 8,9 проценти од претпоставениот раст или претпоставената вредност на БДП на крајот од годината и тоа зголемување на јавниот долг е само за едно тромесечје (април, мај и јуни), значи приближно една милијарда евра. Јавниот долг, пак, наведе Мицкоски, е зголемен од 5,56 милијарди евра на 6,527 милијарди евра или за цели 967 милиони евра или за 8,8 проценти номинално во однос на БДП којшто треба на крајот на годината да изнесува 11 милијарди евра – цела една милијарда евра е задолжена Македонија за само еден квартал, вториот квартал.

– Веднаш по ова ќе стигне демант, во кој што ќе речат ВМРО-ДПМНЕ предлагаше задолжување. Да, ВМРО-ДПМНЕ предлагаше задолжување со две цели. Првата цел беше да се справиме здравствено со кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД -19, тука не успеавме, потфрливме. Тука не успеавме, гледаме дека стануваме практично и извозници на оваа пандемија, таков е случајот со авионот којшто вчера слета во Финска и не само  што не успеавме да се справиме, туку последиците предизвикани од КОВИД -19 се се поголеми и никако да се спуштиме од трицифрена бројка на заразени и неколкумина коишто на дневна основа го губат својот живот. И втората цел беше да се справиме со економските последици. Од бројките коишто ги прочитав не само што не успеавме ниту со првата, ниту со втората цвел, туку работата станува уште поалармантна. Се поставува прашањето зошто беа потрошени овие милијарда евра, истакна Мицкоски.

Во однос на буџетскиот дефицит, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во првите седум месеци од 2020 година тој изнесува 32 милијарди и 80 милиони денари или цели 520 милиони евра кои Владата ги потрошила без притоа да има соодветна основа и покритие за истите, со цел, како што рече, да ги спроведе најнедемократските и најкорумптивните избори кои некогаш се случија во независна Македонија, а на почетокот на годината дефицитот бил планиран на вредност пониска од 18 милијарди денари или на вредност пониска од 290 милиони евра.

– Поминати се сите црвен линии. Државата влегува во подредена улога и сето тоа е поради погрешните политики коишто ги спроведе Владата предводена од Оливер Спасовски и Зоран Заев. Обидот, а и намерата да се реализираат најкорумпираните избори, најнедемократските избори коишто некогаш се случиле во Македонија, за жал, цехот на крајот на денот ќе го платат граѓаните, со тоа што денеска секое семејство е задолжително за дополнителни 120 илјади денари само во вториот квартал споредено со ситуацијата која што беше заклучно со првиот квартал 31 март 2020 година, рече Мицкоски на прес-конференцијата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *