Заев: Новата Влада ќе ја составиме во август во коалиција со партии со европски концепт

Процесот на преговори за формирање на новата влада ќе почне по Илинден. Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбеди  најмногу пратеници и е кристално јасно кој го има мандатот да формира влада, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за А1он.

– Имавме фер, демократски и кристално чисти избори кои го покажаа демократскиот капацитет на нашата земја, но и на СДСМ како политичка опција и владејачка партија. Еве и во трет изборен циклус граѓаните слободно и демократски гласаа, а СДСМ трет пат победува. Има ли поголем успех од тоа граѓаните да ти доверат победа во услови на слобода? Има ли поголема победа од тоа да добиеш мнозинство во слобода, наспроти мнозинствата што Груевски ги добиваше под принуда, вели Заев.

Според него, поддршката што граѓаните на овие избори ја дадоа за коалицијата „Можеме“ се јасен показател дека мнозинството од нив сакаат европска, безбедна, просперитетна и економски напредна држава, која храбро ќе чекори напред, ќе освојува нови пазари, ќе гради нови перспективи, ќе негува добрососедски односи и ќе создава нови пријателства.

– Изборната победа е уште една потврда и поддршка за политиките на СДСМ, на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Се покажа уште еднаш дека граѓаните ги поддржаа овие храбри одлуки, дека мнозинството стои зад нив, а тоа ме прави особено горд и среќен. Понудата на ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на мрачното минато, најавите за преиспитување на Договорите со Грција и со Бугарија, загрозувањето на нашето членство во НАТО, загрозувањето на нашиот евроинтеграциски пат добија јасен црвен картон. Тие застарени и националистички политики немаат иднина на нашата политичка сцена, смета Заев.

Тој вели дека СДСМ и коалицијата „Можеме“ имаат најголем коалициски потенцијал и ќе разговараат за коалицирање со сите партии кои се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот и слободарскиот концепт на земјата, најавувајќи дека процесот на преговори за формирање на нов состав на владата ќе почнат веднаш по илинденските празници.

– Нам во овој момент ни се неопходни стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, која успешно и ефикасно ќе ги менаџира со здравствената криза и економските предизвици со кои се соочуваме, но и евроинтеграцискиот концепт на кој чекавме 30 години. Затоа сметам дека разумот и рационалноста ќе преовладаат и дека во рамките на со Уставот предвидените рокови СДСМ ќе обезбеди функционална влада, додава Заев.

Осврнувајќи се на ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека тие се победници на изборите, Заев оценува дека оваа партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски покажале оти немаат никаква политичка култура, ниту капацитет достоинствено да примат пораз.

– ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на овие избори доживеаја јасен и недвосмислен пораз на фер и демократски изборен натпревар. Исто како и за локалните и за претседателските избори, така и сега кукавички се сокри во белата палата. На овие избори дури немаше храброст вечерта да излезе на прес-конференција и да го каже ставот за изборниот ден. Мицкоски е аутсајдер, а ВМРО-ДПМНЕ на овие избори покажа дека има сериозен проблем и дека е заробена во груевизмот, истакнува Заев во интервјуто, додавајќи дека илузијата на ВМРО-ДПМНЕ дека победиле на избори на кои имаат два пратеника помалку од победникот, е навистина загрижувачка за самата партија.

Во однос на ставот на ДУИ дека тие треба да го дадат следниот мандатар, Заев нагласува дека во парламентарна демократија е многу јасно кој го добива мандатот за формирање Влада.

– Тоа е првопласираната, а не третопласираната партија и затоа навистина не гледам потреба понатаму да ги коментирам ваквите изјави, вели Заев.

Тој потенцира дека на земјава во неродниот период и претстојат серозни процеси, како справувањето со корона кризата и економските последици од неа, како и претстојниот старт на преговорите за членство со ЕУ.

– Верувам дека сите политички субјекти ќе ја сфатат сериозноста на моментот. Затоа нашата намера во овој процес е создавање влада за цел, полн мандат, Влада за четири години. Доста беа предвремени избори – секој од нас треба да се ангажира двојно повеќе државата да забрзаа двојно повеќе напред, а тоа е можно само ако имаме влада која работи, а не Влада која организира избори, истакнува Заев.

Тој изразува уверување дека политичките субјекти ќе покажат одговорност пред граѓаните кои ги избрале и дека во Собранието ќе се обезбеди демократско мнозинство за да избере стабилна влада.

– Август ќе биде изразено активен политички месец кога Северна Македонија ќе го заокружи изборниот процес и ќе ги стави во функција новото Собрание и новата Влада, потенцира Заев во интервјуто за А1он.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *