Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за визна либерализација

Европската комисија денеска ги презентираше резултатите од редовниот мониторинг на критериумите за визна либерализација во земјите од Западен Балкан и од источното Партнерство, сите ги исполнуваат условите и натаму, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од 2017, Европската комисија има обврска да ги информира земјите членки за исполнувањето на овие критериуми поради брановите на „нелегални“ баратели на азил кои доаѓаа од западниот Балкан пред сѐ, откако се укина визниот режим.

Последниот извештај покажува дека Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грузија, Молдавија и Украина продолжуваат да ги исполнуваат условите и дека безвизниот режим “продолжува да носи позитивни економски, социјални и културни“ бенефити како за ЕУ така и за земјите партнери. Сепак Комисијата потсетува дека не смее да има олабавување на напорите.

-Визната либерализација поттикнува контакти меѓу луѓето и ги зајакнува односите помеѓу ЕУ и граѓаните од западниот Балкан и источното Партнерство. Таа е моќна алатка за напредување на трансформативните реформи, вклучително во областа на правдата и безбедноста. Низ годините видовме значаен прогрес од страна на безвизните партнери да ги зајакнат овие врски. Постојани напори се потребни за да ги сочуваме овие успеси, изјави еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон.

Извештајот на Европската Комисија констатира дека огромното мнозинство патници од западен Балкан се “чесни“ и дека не ја злоупотребуваат визната либерализација за “нелегална“ миграција во ЕУ. Сепак, загриженост останува околу бројот на граѓани од Албанија и Грузија кои “неосновано“ бараат азил во земјите на ЕУ преку безвизниот режим.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *