Мицкоски: На 15 јули избираме во каква Македонија сакаме да живееме

Ова се сосема поинакви избори од досега. Едно поради пандемијата и второ поради тоа што треба да избереме во каква Македонија сакаме да живееме, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во Прилеп, каде со коалицијата „Обнова на Македонија“ одржа собир пред прилепчани.

Мицковски смета дека на овие избори се избира помеѓу истрошени политичари и луѓе со визија, стратегија и побара обединување.

-Бираме помеѓу срамот и честитоста, помеѓу криминалот и правната држава која мора да функционира.  Овој народ се обединувал секогаш кога е најтешко, а така ќе биде и овој пат. Народот е ослободен, разбуден и на 15 јули масовно ќе излезе и ќе ја поддржи обновата на Македонија, ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ. Свесен сум дека тоа е единствената опција која ќе ја избереме.  Сакам да ја променам оваа тешка, мачна, болна реалност. Ја користам оваа пригода во Прилеп да ги повикам сите да ни се придружат и партиски определените и неопределените, па и незадоволните од ова владење. Да ја ослободиме Македонија од оваа власт и да ги засукаме ракавите да ја обновиме. Затоа ве повикувам, станете, исправете се да ја исправиме Македонија на 15 јули. Ова е последната шанса, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ бил информиран дека за шест месеци буџетскиот дефицит стигнал до 26 милијарди денари.

– Заменик-техничкиот министер за финансии ме информираше дека буџетскиот дефицит заклучно со јуни е поголем од 26 милијарди денари. Тоа се потрошени пари без покритие,  а не се собрани. Секое семејство го задолжија со 850 евра. Оваа реалност, оваа нормалност мора да ја поразиме. Македонија денеска е најизолираната држава, зашто е неспособна владата, рече Мицковски.

Мицкоски е за ветинг, но да почне од политичарите и се понуди себе си.

– Ќе дојдат, ќе ветуваат ветинг во судството. Ајде да почнеме прво од политичарите, ветинг во политиката. Се пријавуваме јас и моето семејство, од нас да почне, ама тоа ќе мора да го сторат сите. И овој закон мора да се поддржи, ако некој не го поддржи ќе знаеме дека долго бил со рацете во медот. Ние ќе покажеме кој се богател на грбот на народот, рече Мицкоски.

За да се сменат работите, ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, со експерти создаде читанка, проект „Обнова“ во кој се опфатени сите сфери и има решенија за сите.

– Има повеќе од 1.000 проекти. Тоа е за еден четиригодишен мандат. Нема чуда, туку се што ветуваме ќе се реализира, изјави Мицкоски.

Пред прилепчани се обрати и носителот на листата на кандидати за пратеници во Четвртата изборна единица Александар Николоски, кој потсети на заложбите доколку ја добијат довербата од граѓаните. Повика на масовен одзив на 15 јули.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *