Кандидатот на ДУИ за премиер Насер Зибери денеска во паркот Чаир се сретна со младите на кои им ги презентираше младинските политики и заложби за првите 100 дена како премиер.
За време на средбата, тој беше запознат со проблемите на младите, причините зошто планираат да ја напуштат земјата и кои би биле најплодните политики што би ги задржале во земјата, каде ги имаат семејствата и каде што најдобро ќе можат да придонесат за општеството.
– Јас сум тука за вас младите, а клучниот дел од мојата програма претставена за првите 100 дена е зајакнување на економијата и создавање можности за вас, и ова го испланирав преку серија мерки. Првично, ќе го намалиме на нула персоналниот данок за три години за секој кој првпат се вработува под 35-годишна возраст, истакна Зибери.
Тој додаде дека Владата ќе субвенционира 50 проценти од социјалните придонеси во наредните три години за секое ново работно место, што ќе ја подобри „правичната и соодветна застапеност на сите етнички заедници во приватните претпријатија“.
– На овој начин, албанската младина ќе има повеќе можности за работа во земјата, повеќе можности за попросперитетна иднина, како и можности да се чувствуваат професионално реализирани овде во земјата, истакна Зибери.
Тој им порача на младите да инвестираат во студиите, затоа што, како што рече, со започнувањето на преговорите со ЕУ, ќе имате многу можности да придонесете во многу различни области, а во блиска иднина, како земја членка на Европската Унија, ќе имате пристап до позиции на кои се носат одлуки.
– Тоа што нашата генерација мораше да го постигне преку војна, вие можете едноставно да го постигнете преку вашиот глас на 15 јули, истакна Зибери.
Меѓу заложбите кои се преземаат за младите луѓе, Зибери ја истакна важноста за отворање стручни училишта во секоја општина и создавање Фонд за унапредување на знаењето, поддршка за иновации и деловни вештини кај младите