Новата методологија на ЕУ, надеж за поскоро полноправно членство, се очекува до октомври прифаќање на финалниот текст за преговарачката рамка

Северна Македонија е чекор поблиску на патот на интегрирање во Европската унија, откако завчера Европската Комисија ја предаде преговарачката рамка за земјата до Советот на ЕУ. Новата методологија на Унијата за текот на преговорите претставува нова надеж за поскоро завршување, но таа подразбира и можност во секое време да се запре процесот на преговори доколку земјата покаже застој или назадување во исполнувањето на реформите.

Северна Македонија, заедно со Албанија, ќе бидат првите земји што ќе преговараат согласно новата методологија на Европската Унија усвоена во март. Наместо отворање и затворање на триесеттина поглавја, сега тие се групирани во шест кластери, метод кој, се надева Европската Комисија, ќе овозможи побрз и подинамичен процес, наместо досегашните долги и макотрпни процедури низ кои минуваат Подгорица и Белград со години.

МИА дојде до комплетниот предлог документ на Европската Комисија доставен до Советот на ЕУ со кој се поставуваат начелата на преговорите кои треба да бидат отворени до крајот на оваа година, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од политички аспект е впечатливо дека предлог рамката на Европската Комисија јасно го користи терминот македонски јазик, во делот во кој се истакнува дека целото ЕУ законодавство ќе треба да биде преведено на јазикот на земјата преговарач, во случајов македонски.

Од Северна Македонија се очекува целосна посветеност на добрососедските односи, односно имплементација на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Впрочем, добрососедските спогодби со Грција, а и со Бугарија, се исто така централен дел од овој предлог преговарачка рамка.

Оттука, секој обид да се ревидираат или да не се почитуваат овие договори ќе значи враќање назад и блокада на ЕУ перспективата за Северна Македонија. Иако ЕУ не се меша во билатералните односи, јасно е дека очекува од сите страни во пријателски и конструктивен европски дух да ги надминат сите разлики, што до сега Северна Македонија докажа дека е способна да го реализира.

Земјите членки систематски ќе придонесуваат кон пристапниот процес, вклучително преку мониторинг на терен на своите експерти, преку директен придонес за годишните извештаи и преку секторска експертиза.

Нацрт рамката за преговори на Европската Комисија сега ќе треба да биде одобрена и евентуално модифицирана во одредени делови доколку за тоа има консензус помеѓу сите 27 земји членки на ЕУ. Но, она што е важно за Северна Македонија е дека и таа треба да подготви своја преговарачка рамка. Преговорите со ЕУ не претставуваат штиклирање на закони, туку до одредена мера и битка со ЕУ за заштита на клучни економски, социјални и други национални интереси.

Првиот чекор сега откако се преговарачките рамки влезени во процедура е Северна Македонија да изготви патоказ за поглавјата поврзани за владеењето на правото, поглавјата 23 и 24. Овој кластер на поглавја мора прв да биде отворен и ниту еден друг не може да биде отворен пред овој.

Напредокот во фундаменталниот кластер ќе го одреди целокупниот ритам на преговорите и ќе биде земен предвид во одлуката за отворање и затворање на нови поглавја и кластери.

Според нацрт агендата на германското претседателство кое ќе раководи со главните министерски состаноци на ЕУ во наредните шест месеци, и пред сѐ со Советот за општи работи, каде се одлучува за проширувањето, преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија ќе бидат на дневен ред на 10 ноември.

До тогаш двете страни, ЕУ и Северна Македонија, треба да ги подготват на најдобар начин своите преговарачки позиции. Доколку Советот даде зелено светло за Северна Македонија на 10 ноември, може да се очекува првата меѓувладина конференција, со која се означува формалното отворање на преговорите со ЕУ, да се одржи во текот на декември оваа година.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски и шефот на дипломатијата Никола Димитров, откако Европската комисија ја достави предлог Преговарачката рамка на разгледување во Советот на ЕУ, заклучија дека со тоа се потврдува оти нема отстапување од процесот што е утврден.

Спасовски и Димитров истакнаа дека процесот ќе продолжи уште во текот на наредната недела, со дебата по рамката за преговорите на експертско ниво и со чинот на нејзино усвојување од државите членки со што и преговорите формално можат да започнат.

Спасовски изрази уверување дека со помош на институциите на ЕУ и под водството на германската канцеларка Ангела Меркел преговарачката рамка ќе ја усвојат сите земји членки и дека ќе ги започнеме и формално преговорите за членка со прва меѓувладина конференција. Додаде оти Владата е подговена во полн капацитет да ги почнеме и успешно да ги спроведеме преговорите во најбрз можен рок.

Димитров од своја страна посочи дека Комисијата ја исполни својата задача, и врз основа на новата методологија предложи преговарачка рамка што е поконкретна, подинамична, поверодостојна која што на земјите членки им дава простор да учествуваат и тие директно со свои експерти во земјите во преговорите и да учествуваат со контрибуции кон извештаите за напредокот.

– Првото поглавје што ќе се отвори ќе биде поглавјето, односно сега ги викаме пакети или кластери за основни вредности. Таму е владеењето на правото, таму се фундаменталните права, таму е безбедноста, таму е и финансиската контрола, јавните набавки, статистиката, економските реформи и функционирањето на демократските институции и последно јавната администрација. Се се ова области што се клучни и за нас и со нетрпение очекуваме да почне овој дијалог меѓу земјите членки. Во меѓувреме ќе ја проучуваме предлог преговарачката рамка. Да ни биде, да ни е со среќа, заклучи Димитров.

Тој рече дека се додека се држиме до одредбите од Договорот за добрососедство со Бугарија нема начин како тоа што ни е нас суштинско – идентитетските прашања, македонскиот идентитет на каков било начин да биде во судир со европските вредности и европската кауза.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи изрази очекување дека до октомври ќе биде прифатен финалниот текст на преговарачката рамка.

Се работи за нацрт верзија, посочи Османи, што е основа врз која земјите членки ќе ги изнесат своите национални позиции и потоа рамката ќе се носи со консензус.

– Со тоа ќе се добие финалната позиција на ЕУ за содржината на преговарачаката рамка, по што ќе може да се закаже и првата меѓувладина седница, што претставува и формален старт на преговорите за полноправно членство во Унијата, истакна Османи.

Османи појасни дека со новите механизми на преговарачкиот процес, брзината и напредокот ќе зависи од самите нас, како и дека ЕК ќе има механизами да го препознае и намали пристапот до ЕУ фондовите доколку има застој.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар го оквалификува како важен чекор испорачањето на предлог Преговарачката рамка, од страна на ЕК, во Советот на ЕУ на разгледување.

 – Преговарачката рамка за пристапување кон ЕУ се уште не е јавен документ. Тој ќе биде објавен откако ќе биде прифатен од земјите-членки на Унијата. Ова е нацрт-верзија на документот изработена од Еврокомисијата. Тој ќе биде сличен на документите за преговарачката рамка што беа изготвени за почетокот на проговорите како за Србија или за Црна Гора, и мислам дека во него нема да има никакви изненадувања, освен тоа што ќе содржи нови елементи согласно новата методологија,  Жбогар.

Што се однесува на прашањето околу македонскиот јазик, евроамбасадорот истакна дека самиот документ изготвен од Европската комисија, предвидува содржината да биде преведена на македонски јазик.

– Но, сето тоа е предмет на дискусија на членките, така што се уште не можам да кажам се додека не се продискутира од нивна страна. Нивна ќе биде одлуката каква ќе биде финалната верзија на документот. Секоја евентуална промена на нацрт-документот мора да биде одобрена од самите држави-членки, рече евроамбасадорот.

Веста дека Европската комисија го утврди предлогот за Преговарачка рамка ја поздрави и лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој почоси дека ова е уште една потврда дека чекориме напред по патот што го исцртавме.

-Оваа вест доаѓа по цели 19 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација како прв чекор кон интеграцијата кон ЕУ, 15 години од добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ, по 11 позитивни препораки за почеток на преговорите и по историската одлука на Европскиот совет за почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ на 26 март оваа година, рече Заев.

Изрази очекување дека веќе наредната недела да започне дискусијата по рамката за преговори на експертско ниво, и, како што рече, во периодот пред нас рамката да биде усвоена од државите членки, со што преговорите и формално ќе може да започнат.

Нагласи дека веста дека во предлог рамката за нашите преговори со ЕУ на македонски јазик треба да се преведе европското законодавство е нормална и стандардна работа и уште една потврда и признание за македонскиот јазик. Тој упати апел до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се одважи и да го поздрави овој чин, како и да престанат сите лаги дека сме го изгубиле јазикот.

Носителката на листата на кандидати за пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 1, Гордана Силјановска Давкова, пак вели дека преговарачката рамка не значи датум за преговори.

-Таа се концентрира на три моменти, принципи, суштина и процедура. Членките на ЕУ откако ќе ја разгледаат имаат право да укажат и да дадат забелешки, нагласи таа.

Силјановска на дебатата во телевизија 24 изјави дека со преговарачката рамка не се враќа македонскиот јазик и не станува официјален во ЕУ, тоа што документот е на македонски станува збор за вообичаен пристап треба да се преведе на јазикот на државата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *